На самиот старт на новата учебна година, ЦИВИЛ ја потсетува јавноста дека децата и младите имаат право да се развиваат во општество и држава во кои се негуваат меѓусебната почит, да научат дека животот нема цена, а родителите, институциите, медиумите, јавните личности, сите заедно имаат обврска, со сопствените постапки, секојдневно да им даваат позитивни примери.
Во општество кое е поделено по сите можни основни, мора да им покажеме на младите дека само заеднички и сплотено можеме да ги преминеме сите животни бариери и да ги постигнеме посакуваните цели.
Родителите мора да бидат пример за своите деца. Тоа што младите го манифестираат меѓу своите врсници често е одраз на она што го гледаат во своите семејства.
Ги потсетуваме институциите, училиштата, наставниците и професорите, дека воспитно образовниот систем не подразбира само предавање на лекции од учебниците, туку поважно тие имаат клучен придонес за емотивниот и когнитивниот развој на децата и имаат централна улога во општествениот развој и промените.
Ги охрабруваме наставниците и психолошко-педагошките служби да работат со децата на овие теми, да го следат нивното однесување и да преземаат конкретни чекори пред да биде предоцна. Доста е од насилство меѓу врсниците!
Образованието и воспитувањето на децата и младите не смее да биде засенето од дневнополитичките и партиските валкани борби. Тие меѓусебни борби, мораат да ги остават надвор од воспитно обазовниот процес!
Потсетуваме дека носењето оружје во јавност е казниво со закон. Физичкото и психичкото малтретирање остава последици врз животот на младите. Општеството и државата се должни да ги насочат младите да научат како меѓусебно да се почитуваат, а не да се делат и убиваат!
Деца, среќен почеток на новата учебна година! Знајте ги и почитувајте ги своите, но и правата на другите!
Оваа вест е достапна и на: English