Уметниците собраа над 5.000 евра хуманитарна помош за поплавените

Преку  5.000 евра е висината на донацијата за настраданите семејства, пари кои се собрани од хуманитарната продажна изложба во „Концепт 37“, арт кафулето што се наоѓа на ул. „Франклин Рузвелт“ 37 во Скопје, од вторникот до денеска. Поставката  ја сочинуваат: книги, уметнички дела работени во повеќе техники, рачно изработен накит, гардероба..., чии автори се преку 100 уметници, дизајнери, писатели ширум Македонија.

„Поставката во арт-кафето 'Концепт 37’ ќе биде отворена денеска до полноќ, а од утре веќе ќе биде дислоцирана во друг изложбен простор. Интересот е голем, уметниците донираат, љубителите на уметноста, литературата купуваат, граѓан(к)ите ја покажуваат својата хуманост и солидарност со семејствата кои настрадаа во поплавените подрачја“, изјави Владимир Лукаш, еден од иницијаторите на оваа изложба.

14002480_10153674501606231_146700654_o

Конечни корисници на средствата ќе бидат неколку семејства кои претрпеле најголеми штети во поплавите во Скопје и околината.

„Се води детална евиденција за секоја донација и за остварената продажба. Граѓански активисти, организатори на изложбата ги пребројуваат донациите секоја вечер. Вечерва откако изложбата ќе биде затворена во ‘Концепт37’, ќе знаеме колку вкупно пари се собрани, а потоа ќе се одлучи на кои семејства ќе им бидат донирани парите. Сумите ќе ги уплатиме на трансакциски сметки на членови на најзагрозените семејства“, додава Лукаш.

14012262_10153674570581231_475631620_n

Организаторите на изложбата, неколкумина граѓански активисти, кои ги анимираа граѓаните, преку социјалните мрежи, на почетокот на оваа активност ги посетиле поплавените подрачја. Според нивни досегашни оценки, меѓу најзагрозените се едно семејство во скопската населба „Ченто“ и уште неколку други во селото Стајковци.

М.Т.