Граѓанските новинар(к)и ќе снимаат и фотографираат кршење на гласачкото право

ЦИВИЛ – Центар за слобода го одржа првиот од серијата семинари „Биди граѓански новинар!“ во рамките на проектот „Граѓански објектив“.

На семинарот за кој постоеше голем интерес, учествуваа триесетина активисти, граѓан(к)и и поддржувач(к)и на ЦИВИЛ од Скопје, Куманово, Липково, Гостивар, Тетово и околните општини. Обуката беше фокусирана на споделување вештини за граѓанското новинарство, особено во сферата на видео-активизмот, набљудувањето и известувањето. Програмата на семинарот вклучи и едукативни модули за истражување и активизам. 

Покрај тимот обучувачи од ЦИВИЛ, Синиша Станковиќ, Горан Наумовски и Џабир Дерала, своите искуства, знаења и ставови на семинарот ги презентираа и истакнати професионалци  и експерти од областа на новинарството и уметноста. Така, фоторепортерот со светски глас Ѓоко Личоски говореше на тема „Предизвиците со кои се соочуваат фоторепортерите“. Актерот Перо Арсовски имаше инспиративно излагање на тема „Општествената улога на уметникот“. Арсовски и Личоски ги доближија предизвиците се соочени вистинските, посветени професионалци во Македонија денес.

На семинарот учесниците стекнаа знаења и вештини поврзани со долгорочното набљудување на изборниоте процеси и состојбите на човековите права и слободи. Учесниците ќе ги применат своите знаења и вештини при теренско истражување и документирање на сите случаи на кршење на гласачкото право и на човековите права воопшто, дискриминацијата, притисоците и заканите. Тие, во рамките на овој проект, ќе го прават преку видео, фотографија и аудио записи, придружени со кратки наративни извештаи.

Во рамките на семинарот, беше организирана работилница чиј прв дел се однесуваше на определување на фокусот на мониторирањето, односно, на одговорите на прашањата - што се набљудува и како се известува за набљудуваното. Вториот дел на работилницата беше двочасовно теренско истражување и примена на вештините стекнати на семинарот.

Ние во ЦИВИЛ сме горди на резултатите на евалуацијата на прилозите на учесниците на работилницата, која покажа одлични резултати од спроведените активности на терен.

Сите учесници кои ја завршија обуката заслужено добија сертификат за учество на семинарот.

Вториот од серијата семинари од проектот „Граѓански објектив“, ќе се одржи во Велес на 7 и 8 ноември и на него можат да се пријават и граѓан(к)и од: Кавадарци, Демир Капија, Неготино, Штип, Кочани, Свети Николе, Радовиш, Пробиштип и соседните општини.

В четврток (5 ноември) истекува рокот за пријавување учество во семинарот „Биди граѓански новинар“. На семинарот можете да се пријавите онлајн или на [email protected] со испраќање на кратка биографија и мотивациско писмо.

Искористете ја оваа прилика да учите од најдобрите! Бидете граѓански новинар(к)и!

Биљана Јордановска