Валандово: Политички игри со петокраката

Минатата година, во една февруарска вечер, после полноќ, беше осквернавен споменикот на плоштадот во Валандово, со тоа што беше симната петокраката ѕвезда од неговиот врв. За тоа досега никој не одговарал, иако низ валандовската чаршија кружат гласини, дека сквернавењето е извршено од лица блиски на владеачката партија.

По неколку недели од тој настан, еден валандовчанец поставува нова ѕвезда петокрака сред бел ден врз споменикот во Валандово. Според сознанијата на граѓанскиот новинар, кој посака да биде анонимен, неофицијално, за лицето кое повторно ја пoставило петокраката, се заинтересирала полицијата, а за лицата кои ја тргнаа, се уште нема никакви официјални информации.

Новата петокрака на споменикот во Валандово

Новата петокрака на споменикот во Валандово

И додека и во кусата белешка на граѓанскиот новинар за „идеолошките“ противници во Валандово, кои во зависност од личната храброст се качуваат дење или ноќе на споменикот, за да ја постават/тргнат петокраката, има многу балканштина, селективна правда и типично македонско водење политика пред гранапче, целата приказна за споменикот на плоштадот е долга, и е мошне илустративен пример за историјата на овие простори.

spomenik valandovo

Споменикот со старата петокрака

Споменикот во центарот на Валандово е поставен во 1931 година, во чест на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го зафатил гратчето истата година. Во тој период, Валандово било под српска власт, која помогнала за возобновување на гратчето, и во тој контекст била и посетата на кралот Александар Караѓорѓевиќ... По посетата, е поставен споменикот на чиј врв бил српскиот симбол - двоглав орел. По започнувањето на Втората Светска војна, на власт во Валандово доаѓаат Бугарите, и тогаш, еден познат валандовчанец со пушка го урива српскиот орел. По ослободувањето, во 1945 година, во Титова Југославија, на врвот од споменикот е поставена ѕвездата петокрака, во знак на победата над фашизмот.

Таа петокрака на врвот на валандовскиот споменик, стои сé до февруари 2015 година, кога некој, скришум, по полноќ - ја тргна.

civiv-lenses-logo-en-copyОваа содржина се објавува во рамките на вториот круг од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian