Власта не ги почитува законите!

Интервју со Мерсел Биљали, политички аналитичар

Мерсел Биљали е правен експерт, професор и поранешен пратеник во македонскиот парламент. Тој смета дека токму власта не ги почитува законите во Република Македонија. Тоа доведува до кршење на човековите права и слободи и дискриминација на сите нивоа. Истото се однесува на праксата во доменот на избирачкото право каде, според Биљали, власта драстично ги крши законите.

Каква е состојбата на човековите права и слободи во контекст на политичката ситуација во Република Македонија?
Не може да се зборува за човечки права во услови на тоталитаризам, диктатура и тотално партизирање на државните институции.
Имено, дури во нашиот случај може да се зборува за фамилијаризирање на државните институции, па оттука, беспредметно е да се разговара за основни човекови права и слободи. Тие се кршат на секое ниво.
Дискриминацијата на граѓаните е по секоја основа, освен на граѓани кои се блиски на структурите на власта и кои незаслужено се привелегирани.

Каква е политичката култура на граѓанките и граѓаните во контекст на изборните процеси?

Мислам дека политичката  или електоралната култура е на завидно ниво, но под услов да има демократско гласање. Вака како што власта ги инструментализира сите механизми на општеството за да ги пренасочува гласачите, да ги стимулира надвор од демократските стадарди или пак, да врши притисок со комплетна машинерија што ја поседува – ја урива таа демократска свест и електорална култура. Оттука, не можеме да кажеме дека при вакви услови, електоралната култура има свое место.

Во каква состојба е избирачкото право?

Правно, избирачкото право е покриено согласно стандардите, но практичната имплементација е невозможна, оти власта не само што не ги спроведува или почитува тие закони, туку и самата ги прекршува на драстичен начин.

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија?

Мислам дека треба да се врати мнозинскиот модел за да знаат граѓаните кому да се обратат. И за да имаме здрава конкуренција меѓу кандидатите со што партиите би ги барале звучните имиња. Или, пропорционалниот модел, со една изборна единица, ама со отворени листи каде што на граѓаните би им се овозможило самите да вршат рангирање.
Со тоа, ќе се намалува улогата на лидерите кои на листите знаат да стават послушници со што се намалува улогата на законодавната власт и така се претворува во сервис на извршната, или на поединци од извршната власт.

______________________

Интервјуто е направено во рамките на проектот Моето гласачко право кој го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода од 21 јануари 2015 година. Во проектнио сегмент – Истражувања, под наслов „Познавање на гласачкото право, изборните процеси и човековите права“, ЦИВИЛ им испрати идентични прашања на четири експерти кои се истакнаа со своите јавни настапи во оваа сфера: омбудсманот Иџет Мемети, активистката за човекови права Мирјана Најческа, професорот Јове Кекеновски и аналитичарот Мерсел Биљали.