Демонстрантите беа спречени да го одржат најавениот протест преј Музејот на ВМРО од бројни полициски сили, главно специјалци опремени со шлмови и штитови, кои ги пресретнуваа и оттурнуваа со извлечени пендреци
Неколку стотици граѓани и граѓанки, главно новинари и граѓански активисти, беа спречени денеска од бројни припадници на редовните и специјалните полициски сили да го изразат својот протест пред Музејот на ВМРО поради казнувањето на новинарот Томислав Кежаровски.
Полицијата, во најголем дел специјалци опремени со шлемови, штитови и пендреци, ги блокираа сите приоди кон музејот и со кордон ги запреа демонстрантите на стотина метри од местото на кое уште ден претходниот ден беше најавен протестот.
Иако протестот беше претходно најавен, новинарите и останатите беа спречени да се доближат до зградата на Музејот, првин со поставени огради на сите приоди до него, а потоа и физички од страна на полицајците, со пресретнување, оттурнување со штитовите и со извлечени пендреци.
Извикувајќи „Слобода, слобода“, „Полициска држава!“ и слични пароли, присутните на протестот искажаа згрозеност од односот на власта кон новинарите. На крајот на протестот, облечени во црно и со затворени усти, новинарите пред полицискиот кордон запалија свеќи за македонското новинарство, а камерманите и фоторепортерите ги спуштија на земја своите камери, порачувајќи симболично дека земјата е во медиумски мрак.
Денешниот протест беше прв по изрекувањето на драконската казна од 4,5 години затвор за Кежаровски, откако претходно беа одржани неколку протести со барање за негово пуштање од притвор, каде што беше задржан речиси пет месеци.
Инициативниот одбор за ослободување на Кежаровски, кој повика на денешниот протест во 12.05, најави дека на ваков и слични начини ќе продолжи со барања за ослободување на Кежаровски.
(Фотографиите се преземени, со дозвола, од порталот Novatv.mk)