Во Македонија се кршат слободите и правата на граѓанинот!

Интервју со професорот Јове Кекеновски

Јове Кекеновски на македонската јавност ѝ е познат како универзитетски професор на Факултетот за туризам и угостителство и како еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ. Во ова интервју тој зборува за нарушувањата на правата и слободите на граѓан(к)ите во Македонија, начинот на владење на сегашната политичка гарнитоура и за поинаков изборен модел за фер и демократски избори.

Каква е состојбата на човековите права и слободи во контекст на политичката ситуација во Република Македонија?

Со оглед на постоење на политички затвореници, сознанија за политички и монтирани судски и полициски процеси, сознанијата за масовно прислушување и друго, во Република Македонија не можеме да говориме за доследно и целосно почитување на човековите слободи и права. Односно, слободно можеме да заклучиме дека се работи за држава во која сериозно се прекршуваат личните слободи и права и тоа слободите и правата кои го штитат физичкиот и духовниот интегритет на човекот, како и слободите и правата кои го штитат статусот на граѓанинот во општеството. Од економските слободи и права нарушени се правото на работа и  слободата на работа, како и правото на штрајк,  Од социјалните права посебно е нарушено правото на слободно одлучување за раѓање на деца, со сите оние мерки и заложби кои ги превземаше Министерството за здравство.

Каква е политичката култура на граѓанките и граѓаните во контекст на изборните процеси?

Се работи за доминација на поданичка политичка култура, наспроти партиципативната. Загрижува се помалиот број на граѓани кои излегуваат на изборите.

Во каква состојба е избирачкото право?

Генерално, се почитува избирачкото право, но сепак постојат сериозни нарушувања на основното правило ,,еден човек еден глас”. Добро е што колективното гласање денес веќе е минато, но загрижува се поголемиот број на партиски членови кои се пријавени на повеќе адреси на живеење и користат повеќе лични карти со што и гласаат на повеќе избирачки места. Исто така, сериозно треба да се преиспита правото на Македонците од соседните држави да гласаат, од причина што тие се само формално пријавени на една или повеќе адреси на живеење и истите се принудени да го злоупотребуваат своето право на глас во корист на некоја политичка партија.

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија?

Потребно е да се укинат изборните едници во дијаспората, а Собранието на Република Македонија да брои 120 пратеника.

Прва варијанта – Република Македонија како една изборна едница, со пропорционален изборен систем и отворени листи на кандидати за пратеници

Втора варијанта – комбиниран изборен систем, односно 80 изборни едници каде ќе се избираат 80 пратеници врз основа на мнозински изборен систем со изборен праг за втор круг од 5%. И избор на 40 пратеници во една изборна единица врз основа на пропорционален изборен систем.

______________

Интервјуто е направено во рамките на проектот Моето гласачко право кој го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода од 21 јануари 2015 година. Во проектнио сегмент - Истражувања, под наслов „Познавање на гласачкото право, изборните процеси и човековите права“, ЦИВИЛ им испрати идентични прашања на четири експерти кои се истакнаа со своите јавни настапи во оваа сфера: омбудсманот Иџет Мемети, активистката за човекови права Мирјана Најческа, професорот Јове Кекеновски и аналитичарот Мерсел Биљали.