ЦИВИЛ-Центар за слобода, одржа експертската панел дискусија на тема: "Плурализмот и политичката криза." Учесници на панел дискусијата беа Сандра Гавриловска, адвокат и правен консултант, Сашо Орданоски, политички аналитичар и Александар Новакоски, поранешен претседател на ДИК.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=0OLELEKk2TE[/youtube]
Дискусијата ја отвори Н.Е. амбасадорката на Сојузна Република Германија д-р Кристине Д. Алтхаузер, со свое воведно обраќање.
"Плурализмот на ставови и мислења е клучот за една жива демократија. Единствено преку конкуренција на концепти може да се најде вистинскиот. Спротиставените ставови не се закана, туку треба да се гледа на нив како покана за дебата и размена. Живописното граѓанско општество е одлучувачки генератор за општеството како целина и особено за политичкиот систем", потенцираше германската амбасадорка, поздравувајќи ја идејата за организирање на панел дискусија на оваа тема.
Понатаму, амбасадорката Алтхаузер, ја истакна потребата од имплементација на Договорот од Пржино и обврските кои произлегуваат од тој договор. "Никој не знае дали ќе има избори на 5-ти јуни... Краткорочни обврски се расчистување на Избирачкиот список, балансирано медиумско известување и одвојување на партијата од државата - што ќе означи крај на заплашувањето на гласачите од страна на јавни и државни службеници. Овие обврски ќе бидат клучни за да ги надминеме пречките кон веродостојни избори. Некои од чекорите се преземени, но понатамошен напредок во сите три области е од големо значење за да им се даде еднаква и фер шанса на сите политички партии на изборите", истакна д-р Кристине Д. Алтхаузер.
Своето обраќање амбасадорката го заврши изразувајќи голема поддршка за проектите "Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани" и "Напред!"
Експертската панел дискусија ја продолжи Сандра Гавриловска. "Имаме автократско и партиско владеење, фригидна демократија. Нефункционален правен систем и корумпирано судство, што се потврди со вчерашната одлука на Уставниот суд.", посочи Гавриловска.
"Mоделoт на суверена демократија, Груевски и партијата на власт, 10 години се трудат да го инсталираат во Македонија. Тоа подразбира дека демократијата е сведена на многу елементарно толкување, како власт на мнозинството, а мнозинството се поистоветува со народот. Тој што го претставува народот во случајот Груевски, е тој што одлучува, затоа што стандарди не постојат", е ставот на Сашо Орданоски, вториот експерт кој зборуваше на панел дискусијата.
"Медиумите веќе се во војна. Од тие причини решив да учествувам само на вакви панел дискусии, и емисии во живо", истакна Новакоски во своето обраќање, кое го адресираше до големиот број на присутни медиуми. "Имаме ситуација во која во Избирачкиот список има 300.000 фантомски гласачи. Главен стандард за избори е да имаме прочистен Избирачки список, во моментов, не ни зборуваме за другите стандарди. Верувам дека Државната комисија брзо ќе излезе со информација, но ме плаши дали експертите ќе можат да одговорат на задачата, затоа што има само три експерти, останатите шест члена се партиски", заклучи Новакоски, кој смета дека е тешко да се врати довербата во институциите доколку тие не се транспарентни.
"Каде да се обратат граѓаните за правна помош, кога се соочуваат со партиски притисоци да присуствуваат на протести и контра-протести, како што беше примерот од пред неколку дена?" е прашањето кое беше упатено од публиката. "Недовербата е толку голема, што граѓаните ако сами не пријават, не можат да очекуваат некој да им помогне. Тоа се уште не е пракса, никој не пријавува", поентираше Новакоски. "Каде да се обратат уставните судии кога врз нив се врши притисок, е вистинското прашање", смета Орданоски.
"Пописот не е одлучувачки за обезбедување на прочистен Избирачки список. Тоа што е од најголемо значење во моментов за обезбедување на релевантен список на гласачи е споредување на податоците на сите релевантни институции во државата", согласни беа Гавриловска и Новакоски.
"1,7 милиони долари се платени за Груевски да има средба со потпретседателот на САД, Џо Бајден . Пет институции во државата се законски задолжени да работат и да дознаат од каде потекнуваат тие пари. Одговор за тоа нема. Тоа значи дека првите луѓе во тие институции треба кривично да одговараат", одговори Ордански, на прашањето од публика за тоа кој е виновен за тоа што се случува во државата, потенцирајќи го отсуството на доверба во институциите. "Како да очекуваме слободни, фер, демократски избори, кога знаеме дека секој изборен криминал кој ќе се случи на престојните избори, ќе биде амнестиран од претседателот", заклучи Орданоски.
ДИК, порано имаше многу помал број на вработени, денес тој број е зголемен повеќе пати, и повторно нема официјален податок за состојбата со Избирачкиот список.
"Дали вкрстената проверка не ги дава очекуваните резултати, што е проблемот со кој во моментов се соочува ДИК? ", прашуваа претставниците од медиумите присутни на дебатата. "Немам релевантни информации дека тоа е проблемот, но не би ме изненадило. Има шест члена кои се партиски, како ќе се усогласат тие бази на податоци... Тоа се главните пречки во процесот на пречистување на списокот. Никој не стои зад апликацијата која ДИК ја објави за проверка на списокот на гласачи", смета Новакоски.
"Од правен аспект има повеќе начини да се излезе од политичката криза. Како предуслов се измените и услогласувањата во Избирачкиот список. Реформите во изборниот модел, се потребни но, во конкретната ситуацијa е веќе доцна за тоа. На тој начин, ќе се зголеми не само политичката, туку и моралната одговроност на политичките претставници. Треба да се инсистира на законско и транспарентно работење на државните институции и политички партии. Законско и транспарентно финансирање на изборната кампања, без средства од Буџетот на Р.М, без буџетите на општините и без буџетот на институциите", продолжи Гаврилоска во третиот круг на прашања.
"Недемократска власт не е подготвена да падне на избори. Тоа не се случило никаде во светот. Суштината на Специјалното јавно обвинителство, е да се постави едно цврсто место од каде може да тргне ревитализацијата на демократијата. Излезот ќе биде хаотичен, ќе трае долго. Не се малку вакви парадржавни ентитети во светот, кои не можат да се распаднат поради надворешните состојби, но во кои не владее правото. Бесмислено е да се врзуваме за датум за изборите, условот е да имаме легитимини избори чии резултати нема да се оспоруваат", истакна Орданоски.
"Избирачките одбори се од големо значење за обезбедување на кредибилни избори. Медиумите, исто така, ќе имаат голем товар и одговорност. При поделба на власта во многу држави, како четврта власт се сметаат медиумите, особено во предизборниот период. ЦИВИЛ најкоректно знае до каде се границите на делување на граѓанското општество. Една организација не може и да мониторира, да дава оценка, да дава препораки, и активно да биде вклучена во изборниот процес... ЦИВИЛ тоа многу добро го знае. Од многу фактори зависи дали ќе имаме кредибилни избори на 5-ти јуни", смета Новакоски.
„Која е постапката за луѓето кои се запишани на повеќе адреси, или на адреси на кои не живеат?“, е прашањето од публика на кое одговараше Новакоски. "Немам дилема, доколку во Избирачкиот список има еден граѓанин кој е запишан на адреса на која не живее, дека тоа е изборна измама. Изборните органи во претходните изборни циклуси потфрлија, дозволија да гласаат луѓе кои по лични документи се водат на адреси на кои не живеат. ДИК не може да ги избриши гласачите кои се дел од списокот со адреси на кои не живеат, но може да поведе прекршочна и кривична постапка."
"На СЈО штотуку му е одземена функцијата, затоа што сега, претседателот може да ги аболицира сите оние кои СЈО ги посочи дека според релевантни докази извршиле изборни измами, додека извршувале високи државни функции.", дополна Орданоски, според кого, прашањето дали им фали храброст на уставните судии, е апсурдно. "Уставниот суд не одлучува по прашање на храброст, туку по закон. Доколку се доведуваме во ситуација да очекуваме членови на некоја државна институција, извршувајќи ја работата да бидат храбри, тоа значи дека сме во сива зона - трагедија."
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, зборувајќи за досегашното искуство на ЦИВИЛ, во набљудување на изборите, каде ист човек гласа на повеќе адреси во повеќе градови, ја затвори експертската панел дискусија.
Овој настан е дел од проектот Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани, финансиран одМинистерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Марија Теговска