За сите оние на кои не им е јасно: Цртан филм објаснува зошто бегалците бегаат во Европа

ЦИВИЛ – Центар за слобода се приклучува кон одбележувањето на Светскиот ден на мирот (Peace Day) 2015.

По тој повод, го пренесуваме едукативниот цртан филм, објавен на Јутјуб на 17 септември, во кој се наведуваат дел од причините за страотниот егоздус на Сиријците и на илјадниците бегалци и мигранти кон Германија и развиените земји на Западна Европа, како и неиздржаноста на аргументите на дел од јавноста и во државите низ кои транзитира бегалскиот бран и во државите кои се нивна посакувана крајна дестинација, кој низ јазик на омраза шират ксенофобија и исламофобија.

Во продолжение е преводот од транскриптот од излгањето на нараторот во цртаниот филм.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=RvOnXh3NN9w[/youtube]

„Во текот на летото 2015 година, Европа доживеа најголем прилив на бегалци од Втората светска војна до денес.Зошто? Главната причина е во тоа што Сирија стана врвен извор на бегалци во светот. Сирија се наоѓа на Блискиот Исток и претставува древна, плодна земја која што е населена уште пред повеќе од десет илјади години. Од шеесетите години на минатиот век наваму, државата е предводена од семејството Асад, чии членовиуправуваа како квазидиктатори сé до „Арапската пролет“ во 2011 година, што претставуваше револуционерен бран на протести и конфликти во арапскиот свет кој собори многу авторитарни режими. Но, семејството Асад одби да се повлече и започна брутална граѓанска војна.

Различните етникуми и верски групи се бореа меѓу себе во коалиции кои се менуваа. ИСИС, милитаристичката џихадистичка група, ја искористи можноста и влезе во хаосот, со цел да изгради еден тоталитарен Исламски калифат. Набрзо стана една од најнасилните и најуспешни екстремистички организации на Земјата. Сите страни вршеа ужасни воени злосторства, користејќи хемиско оружје, масовни егзекуции, тортура во голем обем и чести смртоносни напади врз цивили.

Сириското население беше заробено помеѓу режимот, бунтовничките групи и верските екстремисти. Една третина од сирискиот народ се раселени низ Сирија,  додека над четири милиони Сиријци ја имаат напуштено земјата.  Поголемиот дел од нив се наоѓаат во кампови во соседните земји, кои се грижат за 95% од бегалците, додека сите арапските држави од Персискиот Залив, заедно немаат примено ниту еден сириски бегалец, што е оквалификувано како „особено срамно“ од Амнести Интернешнел.

Обединетите Нации и Светската програма за храна не беа подготвени за бегалска криза од ваков обем. Како резултат, многу бегалски кампови се преполни и не се доволно снабдени, поради што луѓете се изложени на студ, глад и болести. Сиријците изгубија надеж дека нивната состојба ќе се подобри во догледно време, па така, многумина одлучија да побараат азил во Европа.

Во периодот меѓу 2007 и 2014 година, Европската унија има инвестирано околу две милијарди евра за одбрана, за хај-тек безбедносна технологија и за гранични патроли, но не и за подготовка за прилив на бегалци, така што, беше лошо подготвена за навалицата на баратели на азил. Во ЕУ, бегалците мора да останат во државата во која прва пристигнале, што создаде огромен притисок на соседните држави кои веќе беа во неволја. Грција во услови на економска криза, на ниво на Големата депресија, не беше во можност да се грижи за толку многу луѓе одеднаш, што доведе до страшни сцени на очајни, гладни луѓе по островите кои вообичаено се резервирани за туристи.

Светот мораше да се здружи и да дејствува како обединет фронт, но, наместо тоа, стана сé поподелен.  Многу држави одбија да примат бегалци, со што ги оставија соседните држави, сами во својот напор. Во 2014 година, Велика Британија лобираше да се прекине една огромна спасувачка акција наречена “Маре Ностром“ која беше дизајнирана да ги спречи азилантите од давење во Средоземното море.  Идејата, се чини, била дека повисокиот број на жртви на морето би значел помалку баратели на азил кои се обидуваат да стигнат до целта. Но, секако, во реалноста тоа не е она што се случи.

Перцепцијата за кризата низ светот оддеднаш се промени кога се појавија фотографии на мртво дете од Сирија пронајдено како лежи со лицето надолу на плажа во Турција. Германија најави дека ќе ги прими сите сириски бегалци, без исклучок, и сега се подготвува да прими 800.000 луѓе во 2015 година, повеќе отколку што има прифатено целата ЕУ во 2014 година, но неколку денови подоцна, и Германија наметна привремени гранични контроли и побара решение од целата ЕУ. Низ целиот западен свет, сé повеќе и повеќе луѓе почнуваат да преземаат акција, иако поддршката за барателите на азил во најголем дел доаѓа од граѓаните, а не од политичарите. Но, во западниот свет постојат стравувања: исламот, високиот наталитет, криминалот и колапсот на општествените системи...

Ајде да го прифатиме сето ова и да ги погледнеме фактите. Дури и самата ЕУ да ги прими сите четири милиони сириски бегалци и сите да бидат муслимани, процентот на муслимани во Унијата би се зголемил од околу 4%, на околу 5%. Ова не претставува драстична промена и секако нема да го направи континентот муслимански. Муслиманското малцинство не е ниту ново, а ниту причина за исплашеност. Стапките на наталитет во многу делови од западниот свет се ниски, така што, некои се плашат дека за неколку децении барателите на азил би можеле да го надминат домашното население. Истражувањата покажуваат дека и покрај тоа што стапките на наталитет се повисоки кај муслиманите во Европа, тие се намалуваат и се прилагодуваат како што растат животниот стандард и нивото на образование. Повеќето сириски бегалци веќе се едуцирани, стапката на наталитетот во Сирија пред граѓанската војна не беше многу висока, а населението всушност, се намалуваше, а не растеше.

Стравот дека бегалците доведуваат до повисоки стапки на криминал, исто така, не е во ред. Бегалците кои стануваат имигранти се со помала веројатност да извршат злосторства од домашното население. Кога им се дозволува да работат, тие имаат тенденција да започнуваат бизниси и да се интегрираат во работната сила што е можно побрзо, со што придонесуваат повеќе во социјалните системи отколку што одземаат од нив. Сиријците кои доаѓаат на Запад претставуваат потенцијални стручни работници,  кои се очајно потребни за да се одржи населението кое старее во Европа.

Исто така, бегалците кои патуваат со паметни телефони доведоа до заблуда дека тие немаат вистинска потреба од помош. Социјалните медиуми и Интернетот станаа витален дел од животот на бегалците. ГПС се користи за навигација при долгите патувања кон Европа; Фејсбук групите даваат совети и информации во врска со разни пречки кои постојат во реално време. Ова само докажува дека овие лица се како нас: ако вие моравте да направите опасно патување,  дали би го оставиле вашиот телефон?

Европската унија е најбогатиот збир на економии на Земјата, добро организирани држави со функционални општествени системи, инфраструктура, демократија и огромни индустрии. Може да се справи со предизвикот на бегалската криза, доколку сака. Истото може да се каже и за целиот западен свет. Но, додека малата држава Јордан има прифатено над 600.000 сириски бегалци, Велика Британија, која има 78 пати повисок БДП од оној на Јордан, само истакна дека ќе овозможи 20.000 Сиријци да ги преминат нејзините граници во текот на следните пет години. САД се согласи да прифати 10.000, а Австралија 12.000 лица.

Севкупно, работите полека се подобруваат, но не и доволно брзо. Ние ја пишуваме историјата токму сега. Како сакаме да бидеме запаметени? Како ксенофобични богати кукавици зад огради? Мора да сфатиме дека овие луѓе кои бегаат од смрт и уништување не се разликуваат од нас. Преку нивното прифаќање во нашите земји и нивното интегрирање во нашите општества може многу да се добие. Може да се загуби само ако ја игнорираме оваа криза. Сė повеќе мртви деца ќе се појават на бреговите, ако не дејствуваме со хуманост и свест. Да го сториме ова како што треба и да се обидеме да бидеме што е можно подобри“.