И покрај одлуката на Државната изборна комисија, да не се врши теренска проверка на пријавите на граѓан(к)ите за бројните неправилности во Избирачкиот список, укажувањата за недоследности не престануваат да пристигаат на адресата на ЦИВИЛ - Центар за слобода.
Ова се само дел од информациите кои ЦИВИЛ ги доби вчера и денес.
“Веднаш штом забележав, се јавив во ДИК, оттаму ме испратија да пријавам во МВР, а тие, повторно ме упатија да се обратам во ДИК… На ул. “Лука Геров” бр.11, која е моја адреса, има регистрирано 12 гласачи кои никогаш по ниеден основ не живееле во мојата куќа.”, стои во една од пријавите кои ги доби ЦИВИЛ. За истата улица, во Избирачкиот список има уште еден проблем: “Исто така, забележав - влез 3 стан бр. 7. Куќата има 2 влеза и живеат вкупно 9 гласачи, а се запишани 21!”
ЦИВИЛ доби пријава и од Кочани. На ул. “Браќа Ставреви” бр. 6, покрај четиричленото семејство кое жиивее таму, според Избирачкиот список, од таа адреса гласаат уште четворица.
“На адресата на која живеам цел живот, “Чаирска” бр. 3 во општина Чаир, според гласачкиот список, живеат и лицата Б.Е. и Б.С. Случајот го пријавив и во канцеларијата на ДИК во Чаир, од каде што ми кажаа дека ќе ја процесираат понатаму.”, се вели во пријавата на граѓанин од Скопје.
ЦИВИЛ ќе ги достави сите свои сознанија за слабостите на Избирачкиот список до ДИК, а воедно ги повикува граѓанките и граѓаните да го сторат истото. Овие случаи може да се пријават и во ЦИВИЛ со принтскрин и со кратка белешка за што се работи.
Вашите пријави за фантомски гласачи, како и други проблеми и нерегуларности може да се пријавуваат на[email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.
ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“, „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian