ЦИВИЛ напредува низ Македонија

ЦИВИЛ - Центар за слобода ги посети општините Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка во рамки на активностите за селекција, ангажирање и едукација на долгорочни, краткорочни и граѓански набљудувачи на изборниот процес во Македонија.

Вториот тим на ЦИВИЛ ја посети општината Старо Нагоричане и ги информира жителите за активностите во рамки на проектот Напред!.

Старо Нагоричане, 19 март 2016

Старо Нагоричане, 19 март 2016

На улиците, во нивните дворови, во продавниците и пред црквата, тимот на ЦИВИЛ со десетици старонагоричанци разговараше за нивните проблеми со кои секојдневно се соочуваат.

Во центарот на општината Ранковце, тимот на ЦИВИЛ беше позитивно изненаден од заинтересираноста на жителите за моменталната политичка ситуација во државата.

Иако најголемиот дел од нив потенцираа дека се презафатени со секојдневната борба за обезбедување егзистенција, ранковчани сепак поставуваа прашања за можностите за излез од политичката криза.

Ранковце, 19 март 2016

Ранковце, 19 март 2016

Со изненадувачката раздвиженост на граѓанките и граѓаните во Крива Паланка, во сабота напладне, тимот на ЦИВИЛ подели повеќе од 400 примероци на материјали со информативна и едукативна содржина за ативностите во рамки на проектот Напред!.

Поради големата загриженост за актуелната политичка ситуација во државата, кривопаланчани покажаа исклучителен интерес за пријавување за набљудувачи за претстојните парламентарни избори.

Граѓан(к)ите кои сакаат да аплицираат за изборни набљудувачи, треба да испратат кратка биографија, мотивациско писмо и фотографија на е-адресата [email protected],  до крајот на март 2016-та година.

Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.

Проектот се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри на ЦИВИЛ и е финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.