Граѓанките и граѓаните на Република Македонија ја доживуваат мисијата на Специјалното јавно обвинителство како решителен чекор кон враќање на владеењето на правото. Никогаш повеќе не смее да се дозволи некој да застане над законот! Никогаш повеќе криминал, корупција, структурно насилство, злоупотреби и изборни кражби! Тие очекувања и надежи ги поттикна токму СЈО.
И Резолуцијата на Европскиот парламент ја опфаќа работата на Специјалното јавно обвинителство и бара од сите политички субјекти и државни институции поддршка во неговата работа.
Но, од 4 декември минатата година, кога практично почна со работа, до денеска, СЈО се соочува со постојани опструкции. На самиот почеток СЈО се соочи со жестоки опструкции, со обиди да се дискредитира, со блокади од страна на политички корумпираното судство, со отфрлање на барањата за притвор или мерки на претпазливост за лица осомничени за сериозни кривични дела.
Но, Специјалното јавно обвинителство ја продолжи битката за правдата, демонстрирајќи невидена посветеност, истрајност и професионализам. Битката за правда ја понесе храбриот тим на Катица Јанева наспроти сите предизвици.
Аболицијата која ја прогласи претседателот Иванов беше со очигледна намера да се спречи работата на оваа институција и нанесе огромни штети на целиот процес за надминување на политичката криза во земјата.
СЈО деновиве побара продолжување на рокот од 18 месеци за завршување на истражните постапки и поднесување обвиненија против осомничените.
ЦИВИЛ - Центар за слобода изразува безрезервна поддршка на работата на СЈО и нивното барање го смета за неопходен чекор. Всушност, според ЦИВИЛ, барањето за продолжување претставува барање да му се врати тоа време на СЈО, одземено поради опструкциите од центрите на моќта и од аболицијата на Иванов. Тоа е најмалку што може, но и мора да го направи Собранието на Република Македонија!