Зелиќ: Сите мора да бидат еднакви пред законот!

ЦИВИЛ – Центар за слобода во рамки на проектот „Моето гласчко право“, организираше јавна дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива“ на која еден од воведничарите беше Драган Зелиќ од ГОНГ, организација која се занимава со потикнување на граѓан(к)ите за активно учество во политичките процеси, со промоција на културен дијалог, транспарентност, јавна одговорност, почитување на човековите права и слободи.

„Ние се боревме да добиеме една квалитетна политичка структура, но и тоа не е доволно, тоа е една основна точка од која може да се изградат слободни и фер избори во демократска средина, кадешто гласачот нема да чувствува никаков страв за тоа дали ќе излезе или нема да излезе на избори. Тој мора да има право да не излезе на избори, ако не сака. Никој не смее да ме натера да одам на гласање. Тоа се работи кои треба да се нормални“, изјави Зелиќ за состојбата на гласачкото право во Хрватска во споредба со состојбата во Македонија.

Тој смета дека меѓународната заедница треба да одигра битна улога во промена на изборните закони и за подигање на квалитетот на демократските стандарди, но и самите граѓан(к)и треба да придонесат во тој процес: „Мора да се борите за своите права и да бидете, на некој начин, коректив на власта, преку самоорганизирање и со аргументација да предупредувате на слабите точки“.

„Влезот е слободен, излезот е возможен“, беше мотото на дискусијата со цел пронаоѓање механизми за спроведување на слободни и фер избори наредната година, но и споделување на искуства за излез од политичка криза. ЦИВИЛ – Центар за слобода во текот на летово спроведе низа активности за јакнење на моќта на граѓан(к)ите во изборните процеси, запознавање со состојбите на гласачкото право и човековите права и слободи воопшто.

(Транскриптот од интегралното излагање на Драган Зелиќ погледнете го тука)