Злоупотреба на личните податоци на иселениците!

Македонка од САД која на 6-ти ноември сакала да ја пополни пријавата за гласање на предвремените парламентарни избори, дознала дека неа веќе некој ја пријавил!

Граѓанка по потекло од населено место на југот на Македонија, која со години наназад живее во САД, според изјавата на нејзиниот син, е жртва на злоупотреба на лични податоци! При обидот да ја пополни пријавата за гласање за предвремените парламентарни избори на 11-ти декември, која се наоѓа на официјалната страна на ДИК, се соочила со фактот дека е веќе пријавена?! Кога на 6-ти ноември, сакала да ја пополни пријавата, дознала дека неа веќе некој ја пријавил на 28-ми октомври и дека пријавата е одобрена на 29-ти октомври.

Случајот на набљудувачот на ЦИВИЛ – Центар за слобода му го пријавил нејзиниот син кој, исто така, живее во САД и тој потенцира дека сака да дознае - како и по кој основ неговата мајка е „пријавена“ за гласање.

„Целата ситуација е чудна. Јас, татко ми и мојата сопруга, на 6-ти ноември уредно се пријавивме, но кога мојата мајка се обиде да се пријави, доби информација дека е веќе пријавена. Не ми е јасно како е тоа возможно? Затоа што при пополнување на пријавата, задолжително е да се приложи валиден документ за престој во странство. Со ист ваков случај се соочи и пријателка на мојата сопруга, која исто така, живее во САД, и на неа не ѝ е јасно, како може некој друг да ја пријави во нејзино име?!“, ни изјави синот на оштетената избирачка, чиј идентитет, како и идентитетот на нејзиниот син, им се познати на ЦИВИЛ. Соговорникот на набљудувачот на ЦИВИЛ, потенцирал дека постои уште еден ваков случај на брат и сестра, државјани на Македонија кои живеат во истиот град во САД, кои го имале истото искуство - некој ги пријавил за гласање на изборите, користејќи ги нивните лични податоци, како самите да се пријавиле!

Набљудувачот на ЦИВИЛ од тој регион, побарал изјава и од надлежните. Вработена во администрацијата која сака да остане анонимна, изјавила дека за ваквите случаи, засегнатите граѓани и граѓанки треба да поведат кривична постапка за да се утврди кој се пријавил во нивно име.

„Ова не е прв случај. И претходно, имаше пријавено ваков случај, но ние навистина не знаеме како да реагираме, затоа што, од она што го гледаме на нашата Интернет стрaница, сé е валидно. Партиите имаат податоци, матични броеви, адреси, и мислам дека тие се главните виновници за злоупотреба на личните податоци на граѓаните“.


ЦИВИЛ им обезбедува простор на граѓанките и граѓаните на Република Македонија да пријавуваат случаи на нерегуларности, фантомски гласачи и кршење на човековите права и слободи во изборен контекст. Случаите можат да ги пријават на www.slobodniizbori.info или по телефон, електронска пошта и лично на овластените набљудувачи и во седиштето на организацијата. Пријавите се анонимни.