Сашо Орданоски: Владата мора да замине!

Цивил – Центар за слобода оддржи дебата на тема КРИЗА ВО МАКЕДОНИЈА посветена на политичката ситуација во земјата на 14 мај во Клуб ГЕМ. На дебатата на тема КРИЗА ВО МАКЕДОНИЈА, воведничари беа проф. д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар, Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права и актуелна судијка во Уставниот суд на БиХ и Рамадан Рамадани, НИСМА, аналитичар и колумнист.

 Дебатирвме за прашањата:

  • Кои се одговорните чинители за политичките состојби во земјата?
  • Дали безбедносната криза во Куманово ќе влијае врз интензитетот на граѓанското незадоволство и протестите закажани за 17 мај?
  • Каква е перспективата на Македонија?

Воведничарите на дебатата ја потенцираа екстремната антагонизираност на политичката сцена и длабоката криза во македонското општество, се согласија дека 17 мај е денот кога ќе започнат неопходните промени и дека на Македонија и е неопходна преодна влада која ќе ја врати државата кон одамна напуштениот пат кон демократизацијата и евроинтеграциите.

Погледнете го видеото и дел од транскриптот на излагањето на Сашо Ордановски.

„Оставките кои се поднесоа не се резултат на политичката подготвеност на Никола Груевски да покаже знак на компромис. Оставките се директен резултат на притисок заради одредени работи кои што ние не ги знаеме, а се случувале околу кумановската операција. Второ, не смее да се преспие фактот дека за настаните во Куманово мора да се направи интегрален, специјален извештај, сега, од безбедносните органи. Господинот Груевски не сака да прави компрамиси, туку  работи само под принуда. Немојте да имате некаква илузија дека тој е подготвен на нешто друго, што го покажува и изборот на господинот Чавков за министер, што е директно кршење на Уставот. Аргументот дека и порано имало таков случај не е никаков валиден и легален аргумент. Можно е да имало порано, не знам, но што значи тоа? Дека порано имало лопови, па сега и овие можат да крадат? Каков аргумент е тоа? Со тоа се согласија и ДУИ и Груевски! Нема никаква дилема дека оваа Влада на чело со Груевски мора да замине! Тоа и Груевски го знае, сега е прашање како тоа ќе се испреговара…“

„Не е проблем 20 министри да си заминат, а потоа, на нивно место да дојдат личности кои ќе имаат експертски и  технички квалификации да ја преведат Македонија кон едни нормални подемократски времиња, за да можеме да направиме нови избори. Но, што ќе направи новиот министер за правда, на пример, кога цели слоеви во Министерството се толку партизирани што можат и најдобриот човек  да го принудат третиот ден да даде оставка и да си замине… Ние мора да покажеме дека ни е доста од наивност! Мислам дека тоа ќе го покажеме на 17 мај’.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=NEGOK0q5_qg[/youtube]

Print Friendly, PDF & Email