До кога Ромките од Шутка ќе чекаат на гинеколог?

Бесплатниот ПАП тест, бесплатните прегледи за бремените жени, редовните патронажни посети и конечно обезбедена достапност на матичен гинеколог, сé уште се само неостварени ветувања на Владата на Република Македонија, за 8.000 жени во Шуто Оризари.

На протестот што се одржа пред Поликлиниката во Шуто Оризари, жените од оваа општина, со лепливи траки преку устите и транспаренти во рацете, повторно го поставија прашањето: зошто поволностите кои важат за останатите жени во државата, не важат и за нив?

Од Министерството за здравство излегоа во јавноста со објаснување дека не е нивна вина што на објавениот оглас за гинеколог во Шуто Оризари, и покрај стимулацијата од 250 евра, никој не се пријавил?!

Пишува: Марија Теговска

Пишува: Марија Теговска

Ако министерот Никола Тодоров нема начин како да обезбеди гинеколог за жените во цела една општина (освен субвенционирањето, како една од омилените мерки на Владата за решавање на проблеми, и покрај тоа што се работи за краткотрајно намалување, а не и за решавање на проблемот), се поставува прашањето: кој треба да обезбеди гинеколог, и кој е виновникот за проблемите со кои се соочуват жените од Шутка?

Дали Тодоров е можеби надлежен за бесплатните прегледи, наместо кои, жените од оваа општина, одат до Чаир и плаќаат 600 денари, и покрај што прегледот го прави нивниот матичен лекар? Дали можеби е под негова надлежност реновирањето на амбулантата во Шутка, која е во многу лоша состојба? Ќе реагира ли конечно министерот на тажниот факт дека само 5,6 отсто од бремените жени во Шуто Оризари биле посетени од патронажни сестри во текот на минатата година? Да го потсетиме, дека според бомбастичните најави, сите трудници, требаше да бидат посетени најмалку два пати во текот на бременоста.

Дали фактот што Шуто Оризари е општина главно населена со ромски граѓани и граѓанки е причина за незаинтересираноста и препотентноста на министерот Тодоров? Или, новиот гинеколог кој ќе биде „назначен“ во оваа општина се чува до април, како предизборно изненадување за жените Ромки, за да извршат влијание во семејствата, за изјаснување за политичката опција на Тодоров?

Print Friendly, PDF & Email