Кризата во 2015: Македонија како во шпионски трилер

2015-та беше една од најзначајните години во модерната политичка историја на Македонија. Започна во февруари, како шпиoнски трилер со илјадници нелегално снимени разговори, вклучувајќи ја политичката и социјалната елита и многу други личности од Македонија; во мај се разви во безбедносна драма со инцидент во Куманово; понатаму во мај се прошири со големи демонстрации на македонското граѓанско општество и опозициските политички партии, што резулираше во комплицирани и тензични преговори меѓу македонската Влада и опозицијата во јуни и јули, со целосна инволвираност на ЕУ и САД; за конечно да заврши со комплициран политички договор, кој треба, наводно, да обезбеди предвремени, слободни, фер и демократски избори во 2016.

Пишува: Сашо Орданоски

Пишува: Д-р Сашо Орданоски

1.Постоењето на одредени прислушувани материјали, веќе во втората половина на 2014, беше внимателно објавено од лидерот на социјалдемократската опозиција Зоран Заев, но никој во партијата, освен него, не знаеше за обемот, комплексноста и огромната политичка сензитивност на материјалите. СДСМ започна да ги објавува тие материјали –таканаречени ”бомби” - во февруари 2015. Во следните неколку месеци, преку неколку внимателно оформени прес-конференции, македонската јавност беше запознаена со содржината на повеќе од 400 телефонски разговори, повеќето меѓу највисоките државни и партиски  претставници од владината коалиција. Тие разговори јасно посочуваа на бројни нелегални активности и мошне сериозни кршења на законот, во областа на изборните измами, злоупотреба на правосудниот систем, голема злоупотреба на државната институционална моќ и материјални ресурси, рекет и закани, високо ниво на корупција, деловни измами, постојани медиумски практики за државна и политичка пропагандна и слично. Јавниот државен обвинител (кој исто така беше “заробен” во мрежата на објавените сензитивни телефонски разговори), “советуваше”, медиумите, да не ја објавуваат содржината на снимките. Провладините медиуми, веднаш одбија да ги печатат и објавуваат, но материјалите, издадени преку неколку независни и про-опозициски медиуми во земјата, наскоро станаа вирални на Интернетот и се проширија низ целиот вирутелен македонски он-лајн простор.

2.Заев тврдеше дека неговата партија поседува повеќе од 600.000 нелегално снимени разговори, пресретнати од македонската државна тајна полиција во периодот од 2009-2010, сé до денес. Објасни дека овие материјали му биле дадени од  “вистински патриоти” и “пристојни професионалци” во тајната полиција кои не можеле да го толерираат она на што биле сведоци. Нелегалната операција, наводно, беше зајакната од софистицирана опрема за телефонски и електронски надзор која македонската Влада дискретно ја набавила во 2011 од израелска приватна компанија. Вкупниот број на следени комуникации, надминува 26.000 лица, вклучувајќи и бројни високи странски дипломати и други странски “мети” во Македонија. Не само тоа, речиси сите важни (и помалку важни) актери од опозициските партии, невладините организации, бизнис-заедницата, академијата, медиумите и други “јавни непријатели” и јавни личности, беа “опфатени” со незаконско електронско следење, но истиот критериум не бил употребен за набљудување и следење на комуникацијата меѓу сите членови на Владата, владеачките партии, обвинителите, судството, новинари од про-владините медиуми и слично. Според Заев, сите телефони биле “опфатени”, со исклучок на две лица: премиерот Груевски и неговиот братучед, шеф на разузнавачката служба, Сашо Мијалков. Сепак, поради големиот број и интензитет на пресретнати разговори од други телефонски линии, разговори меѓу други јавувачи и Груевски и Мијалков, овие двајца беа “опфатени” во доста интересни детали.

Сашо Мијалков

Покрај пресретнатите комуникациски материјали, Заев изјави дека поседува и бројни други материјални докази кои ја потврдуваат оваа масивна тајна и незаконска операција. Некои од тие докази, во форма на транскрипти, во разни специјално дизајнирани облици и копии од други документи и извештаи беа, исто така, презентирани на јавноста.

Владата и Груевски се обидоа “превентивно” да реагираат: пред СДСМ да започне да ги објавува прислушуваните материјали, премиерот закажа драматична прес-конференција и го обвини Заев дека се обидел да изврши државен удар и да го отстрани него од Владата, со прислушувани официјални разговори, “креирани” од неименувани “странски [разузнавачки] служби”, чија крајна цел е да се дестабилизира државата. Јавниот обвинител веднаш започна со истрага, која резултираше со апсење на неколку личности (меѓу нив и поранешнен директор на разузнавачката служба и неговата сопруга; и неколку вработени во разузнавачката служба). Исто така, беа поднесени обвиненија против Заев за соучесништво во државниот удар; неговиот пасош беше одземен, но Обвинителството не беше доволно храбро да го уапси и него.

Останатото беше (и сé уште е) вистинска пропагандна војна: спинови, манипулации, дезинформации, директни лаги и голем број на разни лични компромитирања...

3.Во раните утрински часови на 9 мај 2015 година, специјалната единица при македонската полиција, нападна група од наводни милитанти во населба со претежно етничко албанско население во Куманово, град во северна Македонија, блиску до границата со Србија. Она што точно се случи во наредните 24 часа во тешката, во воен стил – борба, сé уште не е јасно, но крајот на оваа безбедносна операција бше вистинско крвопролевање: осум полицајци беа убиени и околу 37 беа повредени, додека 14 од наводните милитанти, исто така, беа убиени и 30 беа уапсени. Полицијата поднесе обвиненија поврзани со тероризам  против групата која се предаде. [1]

Kumanovo

На денот на конфронтацијата имаше мал број на официјални информации за конфликтот, со што беше очигледно дека полицијата не очекувала толку жестока борба со група од наводни членови на расформираната етничко-албанска Армија за ослободување на Косово (КЛА/УЧК). Во разврската на полицискиот напад во Куманово, во официјалните верзии за настанот се тврдеше дека, во април 2015, овие политички радикализирани криминални елементи биле инволвирани во внимателно организиран (и снимен на видео) напад на полициската гранична караула Гошинце, на македонско-косовската граница, и во тој момент, значајно количество на оружје и муниција биле запленети, без човечки жртви меѓу македонските полицајци кои ја обезбедувале караулата. Преку социјалните медиуми, групата најавила дека ќе се бори за каузата за “Голема Албанија”,  како продолжување на радикалната фракција на УЧК, која бара обединување на Косово и западните делови од Македонија со Албанија, како нивна крајна цел. Движењето на вооружената група во предградието на Куманово било наводно акција во таа насока.

По вонредниот состанок на македонскиот Совет за национална безбедост, еден ден откако заврши конфликтот, претседателот на државата Ѓорге Иванов изјави дека “полицијата спречила координирани терористички напади на различни локации во државата, кои би можеле да предизвикаат сериозна дестабилизација, хаос и страв. Членовите на оваа група се екстремисти и криминалци со извонредена воена обука и вештини. Токму затоа плативме толку голема цена со губење на човечки животи.”

Македонската министерка за внатрешни работи именува пет лидери на вооружената група, сите граѓани на Косово, како основачи на паравоените келии.

Кратко по завршувањето на полициската акција во Куманово, бројни шпекулации ги преплавија социјалните и традиционалните медиуми, не само во Македонија, туку и во соседните балкански земји (особено во Косово и Србија), со разни приказни за вистинската заднина на настаните во Куманово. Повеќето од лугето кои коментираа, се согласија дека полициската акција била јасен дебакл од оперативна и сигурносна гледна точка и произлегоа неколку кредибилни докази (видео и телефонски прислушкувани материјали, како и сведоци од фамилии на ликвидираните лидери на вооружената група), кои тврдеа дека македонската разузнавачка и контраразузнавачка служба одржувале блиски и долготрајни контакти со лидерите на оваа група.

Шпекулациите беа дека групата била поттикната и им било ветено дека ќе бидат платени неколку милиони евра од семоќниот шеф на македонската разузнавачка служба, Сашо Мијалков (прв братучед на премиерот Груевски), со цел да се создадат мали инциденти околу македонските области населени со етнички Албанци. А медиумската паника која требало да следи потоа, би била доволна да го одврати вниманието на македонската политичка сцена од скандалите со опозициските “бомби” и откривањето на големите корупциски скандали. Инцидентот во Куманово требаше да го одврати вниманието и да ја пренасочи Владата во пропагандна офанзива на “сигурните” националистички води на меѓуетничките односи во Македонија.

Но, нешто погрешно се случи во Куманово. Ужасно погрешно.

Неколку дена по ужасниот инцидент - и по наводното инсистирање на американската амбасада во Скопје - министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и шефот на разузнавачката служба, Мијалков, поднесоа оставки од нивните функции, иако инсистираа дека тоа не е поврзано со кумановскиот случај.

Силни домашни и меѓународни гласови сé уште бараат детална и независна истрага која би можела да открие која била заднината и кои биле вистинските околности на оваа афера, како и кои биле вистинските актери на оваа безбедносна криза која и се закани на воспоставената регионална стабилност .[2]

4.Политичките тензии во земјата, предизвикани од тврдењата за масивно нелегално прислушкување и понатамошно зголемени од инцидентите во Куманово, испровоцира широки антивладини демонстрации во Скопје, водени од опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Заев. Повеќе од 60.000 лица[3] - еден од најсилните протести во модерната, македонска политичка историја – беа собрани пред зградата на Владата во Скопје на 17 мај 2015 година, на масивен протест против администрацијата на Груевски. Ја обвнија Владата за широко распространета корупција, недемократски пракси и нелегални прислушкувања во голем обем. Толпата беше етнички мешана, со голем број на македонски, албански, турски и српски знамиња, закачени едно за друго. Неколку помали етничко-албански партии апелираа до своите поддржувачи да се придружат на протестот. Илјадници демонстранти беа членови или подржувачи на разни продемократски граѓански зруженија, непартиски поврзани студентски групи и невладини организации. “Груевски оди си!”  - беше главната фраза во сите говори на сцената и на плакатите на демонстрантите.

Protest 17 maj

Како што протестот привршуваше, подржувачите на СДСМ почнаа да поставуваат шатори пред владината зграда, во подготовка на камп за долготраен протест. Кампот ќе остане во следните 8 недели, до средината на јули, пред да се распадне.

На 18 мај 2015 година, ВМРО-ДПМНЕ организираше свој протест во поддршка на Владата. Требаше да прикаже моќ, но не успеа да ја достигне масовноста и ентузијазмот кои преовладуваа претходниот ден, меѓу антивладините демонстранти. Собирот ја прикажа позната македонска националистичка иконографија, со силна проруска и проправославна, христијанска атмосфера.

Поддржувачи на Владата, исто така, поставија постојан камп пред парламентот, најавувајќи дека нема да заминат сé додека опозицискиот камп пред зградата на Владата не се расформира.

5.По неколку седмици долготрајни разговори и маратонски преговори меѓу лидерите на четирите партии, најголеми политички фактори во Македонија - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и албанските партии ДУИ и ДПА - во средината на јули, 2015 година, македонските лидери донесоа договор за тоа како да се стави крај на длабоката политичка криза во земјата: ќе биде формирана привремена влада под водство на привремен премиер и ќе се спроведат бројни значајни реформи за справување со проблемите од институционалните и политички области што ќе обезбедат слободни и фер предвремени избори на 24 април, 2016 година. Договорот беше постигнат преку притисок и посредништво на Јоханес Хан, комесарот за проширување на Европската унија, и американскиот Помошник-секретар за европски и евро-азиски работи, Викторија Нуланд. “Овој договор ја остава отворена вратата за евроатланската перспектива и ги зголемува реформите во однос на владеењето на правото во земјата”, изјави Хан.

Пржино

„Договорот од Пржино“ - именуван според дел од Скопје каде што се наоѓа резиденцијата на европскиот амбасадор во Македониј, каде договорот и беше потпишан од четирите политички лидери - истакнува дека Груевски ќе поднесе оставка “навремено за да дозволи новата влада да положи свечена заклетва на 15 јануари 2016, 100 дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април”. Груевски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе номинираат нов премиер. За возврат, социјалдемократите се согласија да го прекинат бојкотот и да се вратат во парламентот на 1 септември 2015, и да добијат неколку министерски и заменик министерски места - нов министер за внатрешни работи, меѓу другите - назначен од нивна страна до 20 октомври, 2015. Тие функционери на СДСМ, кои ќе останат на своите функции за време на привремената влада, ќе имаат “целосно право на увид и вето... во сите правни, финансиски и работи поврани со персоналот во однос на организацијата на изборите”. Министрите и заменик-министрите од ВМРО-ДПМНЕ “кои ги дуплираат” министрите и заменик-министрите на СДСМ, ќе ги имаат истите права. Долгиот список на итни реформски приоритети, подготвени и предадени на македонските власти од експерти од Европската комисија, ќе ја диктираат работата на постојната и привремената влада, сé до предвремените избори.

Меѓу другото, овој договор предвидува назначување на нов “Специјален јавен обвинител” до 15 септември 2015, со целосна автономија и значаен тим од помошници обвинители и посебни истражувачи, да ја водат истрагата во однос на аферата за нелегалното прислушкување и пресретнување на комуникацијата.

(Продолжува)

[1] Постоеше вистинска официјална конфузија за многуте факти за тоа колку вооружени екстремисти беа убиени и колку беа уапсени, дури и неколку дена по конфронтацијата. Тоа предизвика шпекулации дека неколку од уапсените членови на вооружената група всушност,  биле ликвидирани откако биле уапсени, со цел да се избегне можноста од непријатни сведоштва, и можноста, вистината да излезе на виделина за време на истрагата и во подоцнежните криминално-судски процедури, за заднината и вистинските околности од вооружениот инцидент.

[2] Треба да се забележи дека српската и бугарската влада ја засилија воената присутност на македонската граница за време на деновите од инцидентот. Албанскиот премиер Еди Рама изјави за домашните медиуми дека за време на кумановскиот инцидент “зборовите “тероризам” и “Албанци” биле на жалост поврзувани  - во опасен обид на тероризмот да му се даде етнички суфикс, и на (албанската) етничка припадност да и се даде оштетувачки префикс . Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров специјално го посети Белград, во врска со македонската криза, и  неговото Министерство, имаше  неколку изјави и соопштениеја со кои отворено ги поддржувше позициите на Груевски. Тирана го повика рускиот амбасадор, откако Кремљ ги обвини Албанија и Косово за “терористичките” напади на граничната караула Гошинце во Македонија. Европскиот комесар на ЕУ, Јоханес Хан, изрази “длабока загриженост” за ситуацијата околу Куманово. “Било каква понатамошна ескалација мора да биде одбегната... во интерес на целокупната стабилност” изјави Хан.

Набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) беа во Куманово во посета на местото на вооружениот судир. Европската унија, НАТО, Мисијата на ОБСЕ во Македонија и американската амбасада во Скопје издадоа задничка изјава, посочувајќи дека “вооружената група во Куманово е изолиран феномен”

[3] Пред и за време на протестите, имаше одреден број приказни кои сугерираа дека властите се обиделе да ги сопрат демонстрантите да пристигнат од другите македонски градови. Полициски проверки на автобуси и возила на македонските автопати биле насочени кон запирање на илјадници дополнителни демонстранти да стигнат до главниот град.


 

Експертскиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода во состав на своите редовни активности, подготви нови, опширни правно-политички анализи за политичките состојби, за кризата и за изборниот процес во Република Македонија. Д-р Сашо Орданоски во декември подготви една опширна анализа под наслов „Македонија: Земјата на пропуштени демократски можности“ во која ја анализира севкупната општествено-политичка состојба во Република Македонија на подолг рок. Основа за оваа анализа се долгогодишните опсервации на Орданоски, како и големиот број извештаи од набљудувањето на ЦИВИЛ од крајот на 2014 година наваму.

Анализата на д-р Сашо Орданоски ја објавуваме во четири продолженија (ова е третото), а паралелно со тоа ќе ги подготвиме за објавување и останатите анализи кои за ЦИВИЛ ги подготвија Александра Јозиќ-Илековиќ (Република Хрватска) и Сандра Гавриловска.

Врз основа на овие анализи, како и експертските анализи и препораки на ЦИВИЛ во изминатиот период, организацијата ќе се обиде да го даде својот придонес кон создавање услови за одржување слободни избори и надминување на политичката криза во Република Македонија.

Анализите и препораките кои ЦИВИЛ ги подготви во овој период се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Print Friendly, PDF & Email