Мора политиката прво да ги тргне рацете од судството!

Премиерот Никола Груевски најави промени на Уставот. Цивил Медиа разговараше со Маргарита Цаца-Николовска, која го изнесе својот став за промена на Уставот без присуство на опозицијата, потребата за реорганизирање на Судскиот совет и за можноста уставните промени да бидат донесени за функционален правен систем. Во прилог погледнете го видеото од целото интервју.

Како ги оценувате најавените промени во Уставот, во делот на судскиот совет и воведувањето на Уставна жалба?

Прашањето на Уставна жалба, тужба, иницијатива, како сакате да ја именувате, е нешто за што подолго време и во последно време се зборува. Очигледно беше дека државата на некој начин преку владата има намера тука да направи некакви промени. Од друга страна Македонија е единствена земја во регионот во која овој институт е многу малку присутен во работата на Уставниот суд. И покрај тоа што нема некое посебно име, Уставна жалба/тужба, сепак и до ден денеска и граѓаните, а и судиите можеле да постапуваат по барањата кои се однесуваат за утврдување на евентуалните нарушувања на човековите права. Уставната тужба и во регионот и малку пошироко највеќе се практикува во полето на човековите права. Затоа велем дека и до сега тоа што на некој начин давало можност можело да биде применувано, меѓутоа, за жал, во многу ретки случаи од една страна, а од друга страна и таму каде што судот постапуваше, скоро да нема одлука каде што е утврдена повреда на човековите права. Ако на некој начин воведување на нов институт доведе до поголема ангажираност на Уставниот суд, доведе до нешто што покажува дека Европската конвенција за човекови права директно ќе се имплементира во дадените ситуации, јас тоа го поздравувам. Сметам дека Македонија, која го потпиша Протоколот 14, е во обврска ефективно да го применува тој субсидијарен принцип, кој што претпоставува примена на Европската конвенција, значи праксата на Европскиот суд за човекови права, дирекно во ситуациите кои што се врзани за интервенцијата во некое право на поединците, правните лица и сите кои се на некој начин засеганти. Како ќе оди и каков е концептот на предлагачот сѐ уште е рано да се зборува. Има можности да биде само некоја „козметика“, што секако не би се сложила. Ако веќе се прават некои такви големи Уставни промени треба навистина да се направат во рамките на ефикасен правен лек. Не само да се воведе како лек и не само некој да добива поени, туку напротив, да биде нешто што ќе допринесе не само за примена на Европската конвенција, туку и реализација на она што значи гаранција и заштита на човековите права.

Како ги коментирате најавените промени во судскиот совет?

Реорганизирање на Судскиот совет е потребно. Меѓутоа и тука ќе кажам дека доколку навистина политиката не ги тргне рацете од судството каков и да е Судскиот совет нема да може да ја врши улогата која му е дадена со Уставот. Апсолутно е потребно да има повеќе судии, меѓутоа многу големо е прашањето кои се тие судии кои што ќе бидат избрани и ќе бидат во тој судски совет. Ние сме свесни, а треба и предлагачите да бидат свесни, дека судството како власт е многу критикувано, не само од странските оценувачи туку и во самата држава. Скоро да нема човек кој ќе каже дека е задоволен со независноста и пристрасноста на судството. Јас само би напомнала дека еве веќе има шест предмети пред Европскиот суд за човекови права, каде што токму судиите се тие кои биле разрешени од одредени причини и кои што сметаат дека таквата причина не била во ред. Судската власт не може да биде власт која што ќе ги трпи влијанијата од другите две власти, и она што никогаш досега не било, таквото влијание е присутно, не само во смисла на квантитетот туку и во смисла и на квалитетот. Она што претставува промена на составот на Судскиот совет, покрај бројот на судиите којшто треба да биде зголемен, и на тоа укажуваа доста порано, меѓу другото промените во Хрватска одеа на таа линија и дури некои експертски наоѓања на некои хрватски колеги укажуваа дека бројот на судиите во Судскиот совет треба да се промени. Бројот на судии во Судскиот совет апсолутно треба да се зголеми, меѓутоа тоа што е другиот дел на Судскиот совет, истакнатите правници, исто така треба се обрне внимание на кој начин таа категорија се имплементира во тој Судски совет. Не може да биде истакнат правник, човек кој што има завршено пред неполни три-четири години и да биде истакнат правник некој што никој не го познава во Македонија. Македонија е мала држава, се знаат луѓето коишто се некоја еминетна основа во делот на правната наука. Зошто да не бидат професорите дел од Судскиот совет или некои други истакнати правници, меѓутоа навистина истакнати правници.

Носителите на јавните функции, поради самата функција, мора да имаат повисока толеранција во поднесувањето критика и не треба така лесно да посегаат по тужби. Ваквата пракса во Македонија не е во склад со праксата на Европскиот суд за човекови права?

Прагот на толеранцијата на политичарите треба да биде многу поголем. Тие треба да се свесни кога превземаат таква функција дека ќе трпат критики, особено што демократијата бара претставување на различни мислења. А некогаш за да се отвори некоја дебата, за да се презентира некое мислење, може да доведе и до одредени претерувања во смисла на презентација. Европскиот суд за човекови права рекол дури и претерувањето во такви ситуации е дозволено, кога треба да се разгледува некое прашање од поголем интерес. Во Македонија, ќе се сложите дека има многу такви прашања, меѓутоа за жал, политичарите веднаш посегнуваат по тужби.

Дали е во ред да се носат Уставни промени кога опозицијата е надвор од Собранието?

Мојот одговор е не! Прво демократијата претпоставува една размена на мисли, демократијата бара опозициски реакции, и сегашната најава без да се разрешат проблемите околу присуството на опозицијата во парламентот по мене е неупатно да се третира. Јас обратно ќе поставам едно прашање: зошто досега овие прашања, во врска со независноста на судството, во врска со непристрасноста, во врска со Уставната тужба никој пат не беа иницирани или предмет на некоја дискусија или нешто да се третира како потребно?

Џелал Хоџиќ

Print Friendly, PDF & Email