Недемократска власт не паѓа на избори

Д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар, професор на Универзитетот на ЈИЕ, автор, говори за политичката состојба, за изборните процеси, за заробената демократија и мрачните перспективи на Македонија

„Фактот што Македонија не се наоѓа ниту на една сериозна меѓународна агенда, напротив сé повеќе тоне на тие агенди, им оди од рака на властодржците. Во Македонија надворешниот фактор секогаш бил важен затоа што ги воспоставувал стандардите за кои македонското демократско општество нема капацитет секогаш да ги договори или распознае. Ваквото повлекување на меѓународниот фактор е стимулирано не само од бројни настани во светот и од реалното губење интерес за Македонија, туку и од самото однесување на власта, која не е заинтересирана за никаков интегративен евро-атлански процес во Македонија. Ние остануваме во една слепа улица и сé повеќе стануваме, практично, најболното слепо црево на Балканот“, вели Орданоски во интервјуто кое со него го направи редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА.

Каква власт имаме во Македонија?

Македонија е недемократска земја повеќе години и, имаме недемократска власт, која е составена од класични десничарски популисти. Што е еден редок случај во Европа, да имате десничарски популисти на власт. Обично, популистите во други европски контексти или се мала партија во состав на многу поголеми влади, jуниор партнери кои не можат да наметнат свои политики или се некакви партии кои се надвор од владините кoалиции. Дури и со овој растечки тренд на популизам, гледаме дека се позначителен број, особено на европските избори, популистите добиваат гласови. Но, ретко се случува популистите да се вака експлицитни како што се во Македонија и тоа непопречувани од кого било бидејќи, како што знаеме, на овие избори освоија големо мнозинство, за да владеат сосема комотно. Тоа значи дека имаме голема злоупотреба на медиумите. Практично, слободата на печатот во Македонија е сведена на минимални граници. Имаме голема злоупотреба на институциите бидејќи изборните институции и демократските институции не им се важни на популистите. Тие не ги уништуваат, туку ги прескокнуваат, ги заобиколуваат, ги исполнуваат со мнозинство, за да ги претворат во гласачки машинерии и послушници на власта. Имаме апсолутно потиснато судство, кое нема ни Н од независност. Имаме голема злоупотреба на полицијата во политички цели. Практично, целото општество е претворено во еден модел на заробена демократија, каде што процесите се контролираат со контрола на личности, а не со контрола на идеи. Така, како во комунизмот, државата е голем апарат, со огромна бирократска машинерија зад себе. Јавната администрација е дуплирана од пред шест години, кога оваа екипа дојде на власт. Создаден е еден модел на држава која што е во голем дел и мајка и татко на сите. Еден необично развиен модел на клиентализам кај населението. И кога сето ова ќе го помножите или поделите со стотиците илјади луѓе кои ја напуштија Македонија, вие доаѓате во ситуација во која власта ги злоупотребува сите демократски механизми да создаде сосема недемократска држава, без никакви контролни механизми. Но, која преку употребата и злоупотребата на државата и нејзините ресурси може да обезбеди изборна подршка за себе, секогаш кога таа ќе ги организира изборите.

Како аналитичар и автор на завршниот извештај за изборите на Цивил, изнесувате низа наоди и анализи кои говорат за сериозни нерегуларности на изборниот процес во Македонија. Можете ли да ги сублимирате вашите наоди и анализи?

Не е лесно да ги сублимирате наодите бидејќи ги има многу. Но, од друга страна, може да се каже дека изборите во Македонија се сведени на низа неправилности, а ниеден од нив не е очигледен, крупен или драматичен проблем. Но, кога ќе ги искомбинирате сите, добивате апсолутно недемократски избори. Почнувајќи од слободата на печатот, што е еден од основните критериуми од поставување на слободни избори. Од финансискиот капацитет и другите ресурси кои ги има власта, наспроти супер сиромашните ресурси и капацитети на опозицијата, завршувајќи со ситни, но многубројни злоупотреби. Ако една држава сака да злоупотреби избори, може да го направи тоа. Тоа значи злоупотреба на сите можни ресурси што ги има државата, од транспортни до финансиски, политички и дипломатски, за време на изборите. Тоа значи еден голем проблем со избирачкиот список, од кој вие не може да знаете колку има невалидни адреси и имиња. Освен ова, има и додадени, како што ние ги нарекуваме во извештајот фантомски гласачи, кои, за жал, се бројат со стотици и илјадници. Тоа не е интервенција со дваесет луѓе. Екипите на Цивил фатија адреси со неколку десетици регистрирани фиктивни гласачи. Снимени и документирани се стотици гласачи, кои одат и гласаат со претходно подготвени рути и дестинации бидејќи точно тие кои ги организираат изборите знаат каде би можело да бидат воедначени гласовите и каде тој тип на интервенции би можело да направат разлика. Со други зборови, имавме скандинавски избори, во смисла на тоа дека немаше некој голем физички инцидент за време на изборниот ден, а и во смисла на гласачките ливчиња се беше во ред. Имавме балкански избори во целиот подготвителен период на изборите, во целата изборна кампања и за време на самите изборни денови.

Какви се перспективите на Република Македонија во блиска иднина, имајќи ја предвид дадената политичка состојба во Македонија?

Перспективите во Македонија се такви што таа во догледна иднина ќе остане недемократска држава бидејќи режимот има доволен број поддржувачи кои се добитници од овој процес за кој досега разговаравме. Власта на секој начин се обидува и успева да ја декредибилизира, да ја поткопа, да ја демотивира опозицијата и сите оние кои размислуваат послободно и не се согласуваат со политиките на власта. Таа одржува едно ниво на мултиетнички конфликт, за кој мислат дека го контролираат, но кој останува како еден фактор за нестабилност, за кој постои можност да излезе надвор од контрола во некакви комбинации на неповолни состојби. Со други зборови, ќе имаме една држава во која политиката ќе биде главна тема. Опозицијата и предавниците ќе бидат наметнати како главна тема низ медиумите. Држава која во моментот се задолжува 100-150 милиони евра, за да може да ги пополни сите дупки во буџетот, направени заради популистичкиот начин на владеење. Држава која ќе зависи од тоа колку ќе има пристап до понатамошни кредитни линии и донации од домашни и странски извори. Мене ако ме прашате, ова ќе трае долго и ова владеење нема да заврши на демократски начин, во смисла овие луѓе да изгубат на избори кои сами ќе ги организираат. Такво нешто мислам дека ни во историјата се нема случено. Начинот на кој ова ќе заврши ќе биде во вид на криза. Каква ќе биде кризата и дали ќе биде комбинација од неколку кризи, тоа останува да се види. Но, мислам дека во еден момент ќе се состават социјалните и економските причини, политички причини кои ќе доведат до пад на оваа влада. Тоа ми се чини заради состојбите во општеството нема да биде проследено со голем шок, но Македонија ќе мора да преживее некаква катарза, за да се ослободи од оваа недемократска власт. Недемократските режими не паѓаат на избори. Тоа се избори кои тие ги имаат организирано, ги организираат нивните апарати и не гледам причина зошто би си пукнале во колено, зошто би се повлекле. Можни се и други разврски, за кои јас не би импровизирал бидејќи овој тип на режими паѓаат и на друг начин. Такви примери има бројни во светот. Фактот што Македонија не се наоѓа ниту на една сериозна меѓународна агенда, напротив сé повеќе тоне на тие агенди, им оди од рака на властодржците. Во Македонија надворешниот фактор секогаш бил важен затоа што ги воспоставувал стандардите за кои македонското демократско општество нема капацитет секогаш да ги договори или распознае. Ваквото повлекување на меѓународниот фактор е стимулирано не само од бројни настани во светот и од реалното губење интерес за Македонија, туку и од самото однесување на власта, која не е заинтересирана за никаков интегративен евро-атлански процес во Македонија. Ние остануваме во една слепа улица и сé повеќе стануваме, практично, најболното слепо црево на Балканот.

Дали Македонија има шанси да влезе во НАТО до септември бидејќи гледаме дека уште од 2005 година проблемот не се решава? Дали мислите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе соработува со ДУИ?

Македонија нема никакви шанси да влезе во НАТО и во Европската Унија. Не мислам дека соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе биде нарушена. Тоа се партии кои имаат голема корист од заедничкото владеење, како што гледате, туку што си ја зацврстија власта со уште неколку пратеници и по десетици илјада гласови зад себе. Не гледам зошто една ваква добра дружба би се растурала, кога сé уште има државата што да им понуди на оние кои сакаат недемократски да владеат со неа.

Што може да очекуваме од разговорите меѓу Заев и Груевски?

Од тоа не можеме да oчекуваме ништо. Вакви режими не се договараат за сопствена демисија. Од друга страна, демократијата не е работа на преговори. Како што гледам, двете позиции имаат цврсти ставови и не гледам некоја заинтересираност од двете страни. Груевски, во политичка смисла, е еден лажго, со една прилично голема опашка зад себе. А и реално човекот не е заинтересиран да направи компромис со опоцизијата. Тоа беше една глума за состаноците во Брисел, кои им беа потребни баш во овој период. Груевски нема зошто да не седнува и кога сака и за што сака да разговара. Работата е што нема да попушти на ниедна битна точка во тие раговори. Од друга страна, Заев и опозицијата се во еден нокдаун и таа е пред тешки избори. Таа успеа да ја одложи својата судбина, како таа на грчки ПАСОК, непосредно после изборите успеа да се консолидира, колку-толку, за да не исчезне. Меѓутоа, фактот од подолгото останување надвор од институциите е закана. Доколку не направат некаква навистина оперативна програма која ќе ги држи во живот, овој факт може да ги однесе и до исчезнување. Можно е и политичката структура и партија, која ќе ја сруши оваа власт, во Македонија сé уште да не е регистрирана. Така што останува во наредниот период да видиме што ќе се случува во Македонија.

Арбана Ќерими
Фотографија: Ванчо Џамбаски

Print Friendly, PDF & Email