Оставете ги децата раат!

Пишува: Синиша Станковиќ

Обидот на владеачката партија да го сотре во корен младешкиот бунт на македонските средношколци од сите националности, е уште поопасен од изживувањето врз студентите, кое предизвика оправдано остри реакции на слободномислечкиот дел од јавноста.

Sinisa Stankovic

Синиша Станковиќ

Македонските студенти кои со достоинствената одбрана на своите интереси и оправдани барања, ги направија горди своите родители (но, освестија и еден дел од граѓаните што безмалку една деценија се кријат зад поговорката „наведната глава сабја не сече“, толку надмоќно пренебрегнувајќи ги и етикетирањата и црвените кругови на фотографиите на јавните и тајните сниматели и навредите дека се нечии пиони - упатувани од јаловите пропагандисти) ја извојуваа својата победа, но таквиот предизвик допрва е пред македонските средношколци.

И тие, како и нивните постари другари, цврсто се спротивставуваат на обидите да бидат вкалупени во еден строј на безусловни послушници, како и на експериментите на кои ги изложува хаотичното раководство во Министерството за образование (во кое, поради меѓупартискиот „не бранувај“ - договор на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, одамна не се знае кој пие, ама точно се знае кој плаќа – учениците, студентите, професорите, родителите...) но, затоа стануваат жртви на бескрупулозната борба за сочувување на фотелјите. Само затоа што децидно се изјасниле дека се против конечното, долго најавувано воведување на математиката како задолжителен предмет на државната матура и нејзиното електронско полагање?!

Врвот на актуелната власт, во последните, очајнички обиди да го усогласи какафоничниот оркестар, мавтајќи со диригентското стапче, додека зад грбот ја крие безбол-палката, перманентно се обидува во корен да го сосече секој обид за јавно искажување на протест, дури и секоја најава за обелоденување на поинаков став од оној, наредениот од врхушката и дистрибуираниот преку Центарот за лаги и пропаганда. Така, целна група му станаа и децата!

Морничави се обидите на власта да се дисциплинира „иднината на Македонија“ уште во ученичките денови, најубавиот период од животот. Преку разни видови притисоци, лаги и клевети и брутални закани, да се скрши волјата, да се задуши младешкиот крик против неправдата! („Пред да осознае што сака, младоста точно знае што не сака!“), да се сотре критичката мисла...

Дури и да не се во право, на средношколците треба да им се даде почетна поддршка, и да се сторат сите напори да им се укаже каде (ако?) грешат... Родителите на матурантите од генерацијата 2014/15, веќе реагираа со отворено писмо до МОН и застанаа во одбрана на своите деца. Колку и дали се и нивните барања оправдани, може и треба да се дебатира, ама веќе е јасно е дека никој не сака да биде првиот врз кого ќе се применуваат нови решенија во раштимуваното македонското образование.

Но, сега веќе не е прашање определбата за или против математиката во државната матура, туку односот на власта кон иницијативата на средношколците. Македонската јавност, медиумите и граѓанскиот сектор, граѓаните на Македонија, едноставно, мора да ги подржат своите/нашите  деца, во нивниот обид да се спасат од налудничавите планови за нивно зомбифицирање, за претопување  во безлична маса послушници&безрбетници,  кои ќе се согласат како немтури, да живеат во виртуелниот свет на ПР-лажговците на власта....

Вџашувачки се информациите од медиумите... Дииректор на битолска гимназија „добронамерно“ им објаснувал на координаторите на класовите дека вклучувањето во Средношколскиот пленум и учествувањето во протести, демек, не било добро за нив... Во Кавадарци покрај заканите до улениците дека „ќе добиваат неоправдани, ќе учат во сабота, ќе има и санкции“, локални партиски моќници, и за жал, и млади луѓе од УМС на ВМРО-ДПМНЕ  се обиделе да ги деградираат средношколците и да го спречат нивниот протест. По пријавите за шиканирање на средношколците во Битола и во Куманово, во елитна скопска гимназија со подготвени постери се лаже јавноста дека децата кои биле поактивни во Средношколскиот пленум, наводно биле платени по 10.000 денари за организирање протест!? Аман! До каде ќе оди лудилово? Сопрете се и оставете ги децата раат!

Print Friendly, PDF & Email