Семејни вредности или ноторна дискриминација

И додека говорот на омраза и насилството кон „различните“ продолжува со несмален интензитет, а во земјава сѐ уште се дебатира дали хомосексуалноста е болест или не, нашата влада го искористи 28 јуни, светскиот Ден на гордоста на ЛГБТИ луѓето, за седница на која реши да го следи примерот на Словачка и да ја забетонира дискриминацијата на оваа ионака маргинализирана заедница со предлог-одлука да се промени Уставот на Република Македонија и во него бракот да се дефинира како заедница исклучиво помеѓу маж и жена. Засега не се знаат деталите околу оваа точка од вкупно осумте предложени измени и дополнувања, но многу веројатно истата ќе води кон тотално непризнавање на каква било заедница освен онаа помеѓу хетеросексуални партнери, како што тоа беше намера со неуспешниот обид кој го имаше владеачката ВМРО-ДПМНЕ во септември минатата година, на 72-рата седница на Собранието на Република Македонија проследена со говор на омраза од страна на дел од пратениците.

Во случајот на Словачка која на 4-ти јуни во Парламентот усвои ваква уставна измена, европратеничката Улрике Лунацек, ко-претседателка на ЛГБТ интергрупата, изјави дека таквата промена нема за цел да го „одбрани“ бракот, туку нејзината единствена цел е да ги ограничи правата на лезбејските и геј двојки. Според неа, тоа ќе има последици за сите други форми на семејства како што се самохраните родители или невенчаните.

Како ќе се рефлектира таквата евентуална промена на Уставот тука, ќе мораме да почекаме додека предлогот не влезе во собраниска процедура. Инаку, на 20 јуни, на 26-тата редовна сесија на Советот за човекови права на Обединетите Нации каде се дискутираше за усвојување на универзалниот периодичен извештај за Република Македонија, македонската влада децидно ги одби препораките 101.42 и 101.43 кои се однесуваат на воведување експлицитна законска заштита на ЛГБТИ луѓето од дискриминација. Во таа прилика претставникот на МНР, инаку директор на Директоратот за мултилатерални односи, Игор Џундев изјави дека владата го смета за непотребно експлицитното внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

За дискриминацијата кон сексуалните малцинства преку користењето на говорот на омраза, во саботата на ТВ 24 Вести, во емисијата Безомразно реализирана од Македонскиот институт за медиуми, дебатираа Огнен Јанески (уредник и водител во ТВ 24 Вести), Џабир Дерала (претседател на Цивил - Центар за слобода, активист за човекови права и колумнист) и Тони Науновски (доктор по филозофија и колумнист).

„Јас на моето дете, без оглед на тоа дали ќе биде хомосексуалец, лезбејка или хетеросексуално лице, му посакувам сѐ најдобро во животот и сакам да биде среќно, сакам да сака и сакам да биде сакано - и тоа ми е најбитно! Значи, поаѓајќи од себе, знам дека и на овие луѓе им е тешко во вакво општество, со вакви карактери и со вакви политики“, изјави Џабир Дерала кој во дебатата ревносно застана во одбрана на човековите права и слободи на ЛГБТИ заедницата.

Видеото од целата емисијата можете да го проследите во прилог.

Петар Стојковиќ

Print Friendly, PDF & Email