Војници-штрајкуваат со глад: „Се надеваме дека господата пратеници ќе реагираат!“

Двајца поранешни професионални војници на АРМ, веќе шести ден штрајкуваат со глад пред Собранието. Марјанчо Гурбански, претседател на Координативното тело на отпуштени професионални војници на АРМ, на екипата на ЦИВИЛ Медиа и изјави дека за разлика од политичарите, штрајкувачите имаат искрена поддршка од граѓаните, но дека сé уште искрено се надеваат оти власта ќе најде начин да им ги реши егзистенцијалните прашања.

Зошто решивте да штрајкувате со глад?

Статусот на професионални војници сé уште не е решен. Уште во 2006 година имаме поднесено предлози за решавање на статусот на професионални војници до 45 години, т.е додека ги исполнуваат условите за пензија. Но, нашиот статус не беше решен, ако беше, до ова немаше да дојде. Тогаш имавме направено кружен систем и сé ќе функционираше како што треба, тоа значи да бидат примени професионални војници на возраст до 23-25 години, како што сега се прави, на возраст од 25 до 35 години да бидат во специјалните единици, потоа, од специјалните единици да преминат во логистика или пешадија, до навршување на 45 години, по што би оствариле право на пензија и би се пензионирале. Меѓутоа, не беше така решено.

Собрание

Шаторот на штрајкувачите: Во исчекување на одлука на Собранието

Во 2012  година се донесе закон за продолжување на старосната граница на професионалните војници од 38 години до 45 години, меѓутоа, добар дел од професионалните војници веќе беа излезени од старосната граница по стариот закон до 38 години, што значи, бевме надвор од институциите на Армијата.

Нашите иницијативи што ги поднесовме до надлежните институции не вродија со плод сé до 2014 година, кога се донесе закон за враќање на отпуштените професионалните војници на работа во институциите. Меѓутоа, со тој закон, со една референца која што беше поставена, т.е. на 31 декември 2013 година да имаат статус на невработено лице, се направи една голема неправда и поделба на отпуштените професионални војници. Мислиме, односно, знаеме  дека е направена неправда, затоа што според Уставот, секој граѓанин има исти права, а нашите права биле да бидеме повикани од институциите за да „влеземе“ во тој закон за служба во Армијата на Република Македонија.

Бевме приморени да бараме средба со премиерот Никола Груевски, но досега не добивме никаков одговор, ниту позитивен, ниту негативен. Исто така, не добивме одговор ни за бараната средба со Ммнистерот за одбрана Зоран Јолевски. Имавме барање за средба и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, бевме примени од неговите советници, ни беше кажано дека ќе бидат ангажирани во инволвирање на случајот, односно, ќе разговараат со началникот на Генералштабот и со министерот Јолевски за актуелизирање на нашите проблеми и за нивно решавање.

Бидејќи немаше напредок на нашите барања, ние се одлучивме да поднесеме иницијатива до Собранието на Република Македонија, до претседателот Трајко Вељановски и до сите политички партии. Иницијативата ја поднесовме на 4 октомври, а од 5 октомври почнавме со штрајк со глад, сé додека не го решат нашиот проблем. Се надеваме дека ова ќе заврши и ќе изнајдат решение, бидејќи го заслужуваме тоа, како бранители на оваа држава и како учесници на конфликтот во 2001 година и во други мисии каде бевме претставници на оваа држава.

Дали некој од пратениците ве посети и дали има некаква реакција од Собранието?

Досега не посети Лилјана Поповска и ни вети дека ќе не посети пак, а други пратеници, сé уште ги нема, но се надеваме дека и другите ќе дојдат да нé посетат.

До кога  ќе протестирате со гладување?

Ние се надеваме дека господата ќе имаат слух да го решат нашиот проблем во најкус можен рок, меѓутоа, решени сме да истраеме сé додека можеме нели, и додека не се најде решение.

Каква е вашата здравствена состојба, по пет денови пред Собранието?

DSC_0862

Поддршка од граѓан(к)ите

Со оглед дека ова е петти ден што сме тука, веќе почнавме да чувствуваме малаксаност, вртоглавица и сите останати последици од гладот.

Дали некоја здравствена екипа дојде да ве посети?

Не знаеме како одат тие постапки за барање на посета на медицински екипи и досега не дојде ниедна медицинска екипа, но веќе имаме потреба да дојдат здравствено да не проверат.

Само двајца протестирате, дали имате поддршка од останатите професионални војници, и од граѓаните бидејќи имате отворена книга за поддршка?

Јас, како претседател на отпуштените професионални војници, се нафатив сам на овој чекор за штрајк со глад. Колегата што е со мене, тоа го прави колку да ми дава морална поддршка, но исто така, поддршка добиваме и од останатите колеги, и доколку е потребно, ќе дојдат и останатите отпуштени војници да ни се придружат. Но, искрено сметам дека овој проблем ќе биде решен и дека пратениците од Собранието ќе имаат слух за нашите проблеми и ќе биде решено нашето прашање. Поддршката од граѓаните е неизмерна, секој ден доаѓаат и прашуваат дали можат некако да помогнат, дали можат нешто да дејствуваат и помагаат. Затоа, во оваа книга за поддршка за неполни 24 часа се потпишаа стотина граѓани.

Биљана Јордановска

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email