ЦИВИЛ ОСТРО ГО ОСУДУВА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

Политичката криза во Македонија дополнително ја влошува и онака катастрофалната состојба со човековите права и слободи, демократијата и слободата на говорот и на медиумите. Со години сме сведоци на клеветење, остри дисквалификации, шпекулации, лаги, манипулации и тешки вулгарности во медиумите. Меѓу другото, тоа претставува обид, преку медиумите, да се заплаши или умртви јавната с(о)вест, односно да се програмира и дисциплинира јавното мислење според инструкции на врхушката на власт.

Ваквата ситуација, вжештена со „бомбите“ на лидерот на опозицијата Зоран Заев, предизвика масовно ширење на говор на омраза кај провладините и во последно време и кај дел од проопозициските медиуми. Односот на власта кон слободата на медиумите и особено кон ретките независни медиуми, како и кон проопозициските, не е оправдание што и кај дел од нив се користат вулгарности, пцости и навреди на сметка на политичките противници. Токму професионалниот пристап треба и мора да ја потенцира разликата меѓу новинарите и пропагандистите, авторите и анонимните клеветници.

Говорот на омраза уште повеќе се продлабочува и метастазира преку социјалните мрежи и интернет порталите. Ставот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија дека нема да соработува со медиумите кои шират говор на омраза, покажува дека границите се одамна преминати, а професионалноста, за жал, е потполно занемарена.

Цивил – Центар за слобода остро го осудува говорот на омраза и повикува на смирување на страстите и точно и објективно информирање на граѓан(к)ите за политичката ситуација во Македонија од сите инволвирани чинители.

„Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн“, се вели во Прирачникот за етика во новинарството на Здружението на новинарите на Македонија.

Цивил апелира до медиумите и новинарите да ги почитуваат професионалните стандарди и моралните вредности и да престанат со ширење на говор на омраза кој поттикнува насилство и дискриминација по било која основа.

Токму медиумите треба да бидат први кои ќе ги смируваат страстите, а не дополнително да ја разгоруваат омразата. Крајно време е сите да се вратиме кон професијата и нормите на цивилизирано поведение.

Цивил Медиа

Цивил - Центар за Слобода

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian