ЦИВИЛ со засилени подготовки за слободни избори

Семинар за обука на тимовите на ЦИВИЛ за изборното набљудување се одржува денеска во Скопје. Обуката ќе ја спроведат експертскиот тим на ГОНГ од Хрватска кој е во неколкудневна посетана ЦИВИЛ, а во чии рамки се одржуваат неколку работилници и обуки, како и низа работни состаноци со претставници на политички партии, граѓански организации и институции.

Вчера се одржа работилница со проектниот и експертскиот тим на ЦИВИЛ на теми посветени на поддршка на процесите за надминување на политичката криза и обезбедување услови за слободни избори во април 2016 година.

Експертскиот тим на познатата хрватска организација ГОНГ (Хрватска) за поддршка на ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе престојува во Скопје од 28 август до 2 септември. Проектните тимови, правните експерти и дел од набљудувачките екипи на ЦИВИЛ ќе работат со експертскиот тим од Хрватска на повеќе теми во контекст на изборното набљудување, измените во Изборниот законик, Избирачкиот список, финансирањето на политичките партии и низа други прашања, а ќе се осврнат и на теми поврзани со политичката криза. Од агендата предвидена за овие денови, се издвојуваат и два настани кои се отворени за јавноста.

Јавната дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива“ ќе се одржи в понеделник, на 31 август, во ГЕМ Клуб (Стара Чаршија), со почеток во 11 часот. На јавната дискусија учество ќе земат двајцата експерти на ГОНГ, Драган Зелиќ и Александра Јозиќ-Илековиќ кои ќе говорат за хрватските искуства, а за македонските прилики ќе говори универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски. Модератор на настанот ќе биде претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој накратко ќе ги презентира досегашните анализи и препораки на организацијата домаќин на настанот.

Во фокусот на јавната дискусија ќе бидат предизвиците во двете земји, поврзани со Избирачкиот список, изборниот модел, Државната изборна комисија, финансирањето и политичките кампањи, медиумите и низа други прашањата. Овој настан е организиран во рамките на проектот МОЕТО ГЛАСАЧКО ПРАВО.

На денот кога опозицијата ќе се врати во парламентот, во вторник, 1 септември, ЦИВИЛ ќе покани претставници од политичките партии, граѓанското општество и меѓународната заедница на тематскиот состанок „СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНИ ГРАЃАН[К]И: Иднината на Македонија“. На оваа средба, која е во рамките на истоимениот проект, ќе се дискутира за начините да се надмине политичката криза со цел да се обезбедат услови за слободни избори во 2016 година и како различните засегнати страни во општеството можат да придонесат кон политичкиот процес.

„Имајќи предвид дека преговорите се водат зад затворени врати, често се наметнува прашањето дали и што можат да направат сите останати во оваа земја. Ќе се обидеме да дадеме одговор на тие прашања заеднички, со помош на нашите гости и експертските тимови на ГОНГ и ЦИВИЛ.“ – изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

По работната средба, ќе се одржи получасовна јавна презентација на 1 септември (вторник), во хотел City Park, со почеток во 12:30 часот.

 

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

ГОНГ

ГОНГ е граѓанска организација основана во 1997 година за да ги поттикне граѓаните активно да учествуваат во политичките процеси. Цел на организацијата е промовирање и подигнување на човековите и граѓанските права, како и поттикнување и зајакнување на свеста на граѓаните за учество во политичките процеси. ГОНГ ги промовира културниот дијалог, отвореноста, транспарентноста и одговорноста во јавниот домен, истовремено почитувајќи ги човековите и граѓанските права, преку истражување, застапување и образование, самостојно или во соработка со поединци и/или организации кои ги делат вредностите на организацијата.

Драган Зелиќ

Драган Зелиќ дипломирал политички науки на Факултетот за политички науки. Негови области на интерес, меѓу другото, се: изборниот процес, вклучувајќи го и избирачкиот список и изборното менаџирање, транспарентност на јавните органи и борба против корупцијата, со акцент на транспарентноста во финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и конфликтот на интереси. Своето искуство во ГОНГ и познавањето на набљудувачкиот процес на изборите и едукацијата на гласачите, тој ги пренесува на граѓанските организации во Русија, Монголија, Либан и Ерменија. Тој, исто така, учествувал во набљудувачките мисии на ОБСЕ, НДИ и ЕНЕМО на изборите во Азербејџан, Белорусија, Бугарија, Либан, Израел - на Западниот брег и Појасот Газа, Словачка, Украина и САД. Тој се занимава со истражување и анализа на различни правни рамки и со меѓународните стандарди поврзани со изборите, корупцијата и транспарентноста на јавните органи.

Александра Јозиќ-Илековиќ

Александра Јозиќ-Илековиќ дипломирала право на Универзитетот во Загреб. Нејзините области на интерес, меѓу другото, се: финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи. Била заменик на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) на Република Хрватска (за време на претседателските избори во 2009 година и 2014 година, на парламентарните избори во 2007 година и 2011 година, во изборите за Европскиот парламент во 2013 година и 2014 година, на Референдумот за пристапување во ЕУ во 2012 година и Референдумот за уставната дефиниција на бракот во 2013 година). Јозиќ-Илековиќ била на чело на ФАРЕ и ИПА програмите за ДИК во проектот финансиран од ИПА за зајакнување на финансирањето на политичките активности и изборниот систем за контрола на публицитет. Таа е автор на експертизи и на статии за уставното право и за правата на националните малцинства, како и избирачкото право. Работела и како висок советник во хрватската Влада, во Секретаријатот за законодавство, како советник на министерот за јавна администрација и како советник во Град Загреб.

МОЕТО ГЛАСАЧКО ПРАВО

a1МОЕТО ГЛАСАЧКО ПРАВО е проект за јакнење на јавната свест, едукација и мобилизација на граѓан(к)ите за подобрување на изборните процеси во Република Македонија, засновани на демократски стандарди наспроти изборните нерегуларности. Проектот е посветен на јакнење на моќта на граѓан(к)ите во изборните процеси и одбраната на човековите права и слободи преку запознавање на јавноста со состојбите на гласачките права и човековите права и слободи воопшто. Истражување за актуелните состојби, формирање и администрирање на тимови за мониторинг на изборните процеси и состојбите на човековите права во четири регионални центри, се дел од активностите во рамки на проектот.

СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНИ ГРАЃАН(К)И

a2СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНИ ГРАЃАН(К)И е проект кој ќе придонесе во процесот на подготовка на слободни избори во Република Македонија. Овој проект ја претставува потребата на граѓан(к)ите да се создадат услови за спроведување на избори во демократска атмосфера со почитување на човековите права и слободи, пред сè, со почитување на слободната волја на гласачите. Со проектот ќе обезбедат информации и знаења врз основа на долгорочен мониторинг на човековите права и политичката ситуација во изборен контекст и воопшто. Исто така, проектот ќе овозможи граѓанска едукација за правото на глас, јакнење на јавната свест за изборните нерегуларности, како и препораки за воспоставување изборен систем кој ќе обезбеди слободни и демократски избори.

Print Friendly, PDF & Email