ЦИВИЛ – Центар за слобода одржа јавен настан под мотото „Сите за слободни избори“ денеска во Штип, на Плоштадот на пријателството. И покрај минусните температури и лапавицата која прерасна во снежни врнежи, тимот на ЦИВИЛ деведесеттина минути другаруваше и разговараше со штипјани за сé она што ги мачи во поглед на човековите права, особено во изборен контекст.
Со многу музика и прилози од аудио продукцијата на ЦИВИЛ Медиа, џинглови за слободни избори и права на гласачите, тимот на ЦИВИЛ подели неколку стотини флаери и разновиден информативен материјал за претстојните избори и разговараше со сите заинтересирани штипјани, кои изразија желба за тоа.
Денешниот настан на ЦИВИЛ се одржа во духот на нашата максима дека сите временски услови се погодни за активизам.
Во изјавите за штипските медиуми, претставниците на ЦИВИЛ уште еднаш упатија повик до граѓанките и граѓаните да се приклучат кон напорите за обезбедување слободни избори, но и кон институциите и политичките партии за итна департизација на институциите, прочистување на Избирачкиот список и за ослободување на медиумите и на јавниот збор во Македонија.
Јавниот настан се одржа во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.