Денеска се навршуваат 15 години од убиството на 10-темина прилепски бранители, членови на резервниот состав на АРМ, во близина на месноста Карпалак, на патот Скопје-Тетово. Во спомен на делото на загинатите резервисти, денеска на Карпалак и во Прилеп се одржа панихида и се положија свежи цвеќиња пред спомениците на бранителите и на нивните вечни почивалишта
„Осми август, да не го заборавиме, да го негуваме аманетот на загинатите браќа, да ја чуваме Македонија и да ја градиме во посветла и попросперитетна иднина за сите кои што живеат во неа. Ќе дадеме сé од себе, повеќе никогаш да не се повтори крвопролевање и тага како оваа“, порача денеска од Карпалак, Рубин Секулоски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници од 2001/2002 год., еден од учесниците во воениот конфликт.
А, само пет дена по кобниот ден, на 13 август 2001-вата, во присуство на претставници од меѓународната заедница, Франсоа Леотар (ЕУ) и Џејмс Пердју (САД), двете партии од македонскиот блок: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (која тогаш беше на власт) и двете од албанскиот блок, ПДП и ДПА го потпишаа Охридскиот рамковен договор.
Овој Договор во својот фундамент, целосно и безусловно ја отфрла употребата на насилството за остварување на политичките цели. Според него, само мирни политички решенија можат да ја гарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Во тој контекст, Договорот предвидува целосен прекин на непријателствата, разоружување на етнички-албанските вооружени групи и нивно целосно распуштање.
Притоа, тогаш беше ветена целосна ресоцијализација на учесниците во воениот конфликт, и од АРМ, и учесниците од ОНА и другите албански вооружени групи.
Но, и по 15 години, статусот на бранителите е понижувачки. Оние кои што се партиски поданици, се згрижени речиси целосно. Но, „на другата страна од реката“ се учесниците во конфликтот кои се без политички предзнак. Тие се жртви на системот. Илјадници од нив се борат со огромните социјални проблеми: невработеност, недостиг на средства за квалитетна здравствена заштита (овде да не се заборави дека најголем број од нив, се соочуваат со воениот синдром, траумите кои не може да ги залечат) без можност за натамошно образование на нивните деца, а многумина го немаат решено ни станбено прашање.
Ништо подобра не е состојбата на учесниците во ОНА. И овие граѓани се жалат дека се и натаму трауматизирани и дека не се рехабилитирани и ресоцијализирани во општеството.
„Бранителите и припадниците на ОНА се жалат дека не успеале да ги остварат своите права. И едните и другите се вложиле себеси, се жртвувале и себеси и своите семејства, за еднаш – засекогаш, во Македонија да владее законот и рамноправноста. Но, кога во една држава нема закон и ред – успева криминалот! Наместо институциите на системот, во Македонија, очигледно, владее мафија, собрана од разни страни, криминалци кои немаат чувство за вредности и за државност“, изјави Даим Хисени, алиас Командант Валтери од ОНА, за ЦИВИЛ Медиа.
Бранителите од АРМ и припадниците на албанските вооружени групи и денес се на мета на политичарите, особено за време на избори. Партиите се обидуваат и натаму да ќарат поени, да ја задржат власта на секој можен начин, некои дури и со бескрупулозни обиди за разгорување на етничките и верски чувства на овие граѓани.
Од 15-годишна дистанца, учесниците во воениот конфликт бараат политичарите да ги тргнат од нивната популистичка агенда и да ги прекинат манипулациите со нив. Децидно бараат остварување на своите граѓански права, согласно со Уставот и позитивната законска регулатива, бараат живот во држава на рамноправни граѓани,каде не се врши дискриминација по ниту еден основ.
Моника Талеска