И покрај сите опструкции и притисоци, и покрај прогласувањето во одделни фирми во внатрешноста - на неделата 17 мај 2015-та, за работен, а понеделникот 18-ти мај, поради полнење на автобусите за контра-протестот на ВМРО-ДПМНЕ - за неработен ден, и покрај сатанизирањето на организаторите и учесниците на дотогаш и оттогаш невидениот и неповторен величенствен настан, од медиумите – подопашници на Фамилијата на власт, минатогодишниот митинг на граѓанското незадоволство, на кој десетици илјади граѓани од цела Македонија, од сите националности и религии, се слеаја пред Владата, ќе остане забележан во историјата на македонското освојување на слободата.
Колку само позитивна атмосфера, колку само надежи дека и на пуста Македонија, конечно ќе и тргне, дека ќе се сепне и најнеслободната држава на Балканот, и нејзините жители ќе се обидат да си ја извлечат татковината од црнилата во кои ја туркаат алчните арамии на власт, и таа ќе се врати на патот кон изградба на праведно, демократско општество во кое сите се еднакви и владее правото – имаше во воздухот над Скопје, пред точно една година! Колку верба дека и чудата се можни, споделија илјадниците продемократски настроени луѓе кои, како и авторот на овие редови, за момент, барем, ги опфати еуфорија и мотивираност за активирање за промени, толку несвојствени за до балчак апатичниот, просечен Македонец...
Заврзаните македонски и албански знамиња, вдахновените говорници на бината, поддршката од меѓународните претставници, музиката и слоганите за правда и мир, а против омразата и криминалот, јасно изразениот непокор на граѓанската Македонија, минатиот 17 мај, влеваа оптимизам дека по цела деценија тонење во батакот на деструктивноста и безидејноста, на виртуелниот свет на самозалажување, заглупување, заблуди и налудничави обиди за билдање на нов национален идентитет, на недоветноста и неграмотноста на апаратчиците и слепите послушници кои го одржуваат системот и машинеријата на целосно партизираната држава..., можеби, сепак, ќе се изнајде начин - Македонија да се врати барем на нивото од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век...
За жал, уште со контра-митингот на ВМРО-ДПМНЕ, утредента на 18 мај на кој покрај партиското членство и илјадници буџетари и административци, со лажни ветувања или со сила беа втурнати во со решетки оградениот простор да ги слушаат народоусреќителите и нивните изветвени фрази кои шупливо одекнуваа во „еднобојната“ (национално/религиски/партиски) иконографија, почна да ветрее оптимизмот. И надежта.... Зашто, дегутантните опструкции на власта почнаа веднаш и не го намалуваат идентитетот се до ден – денешен, кога Фамилијата реши да се натпреварува сама со себе. За се да остане во кругот на Фамилијата. И азното и мазното...
Навистина, изминатава годинава се организираше и „Камп на слободата“ (за контра-кампот во „Жена-Парк“ не вреди да се арчат зборови), меѓународната заедница на мускули ги издејствува Пржино 1 и 2 со кои Груевски поднесе оставка и беше поставен анонимен лик за ѓоа-премиер (што по временото бегање од канцелариите и одговорноста на министрите Јанкулоска и Јанакиески и на недопирливиот братучед на премиерот – Мијалков, по „малата војна“ во Куманово, за кратко, повторно внесе свеж воздух во зачмаената Македонија), па се формираше Специјалното јавно обвинителство и во политичкиот живот на Македонија се катапултираа трите хероини, па се покренаа и одделни случаи по повод „бомбите“ од аферата со прислушувањето (чија досегашна разврска само покажа и докажа колку длабоко ќе мора да зафатат неизбежните радикални ампутации на метастазираното ткиво на македонското судство), што пак, дотолку ги извади од памет властодршците, свесни за сето тоа што го правеле цела деценија, за да го притиснат и Уставниот суд и молчаливиот ни претседател да ги донесат скандалозните одлуки...
И тоа, како да ја преполни чашата. Илјадници граѓани на Македонија, на улиците на десетици градови секојдневно протестираат против криминалот и бараат правда и демократија. Шарената револуција ја освојува слободата за просечниот граѓанин, во обид да му ја обои сивата реалност и да му влее надеж дека иднината на Македонија не се само црнилата. Државата и иднината на следните генерации не смее да биде загрозена поради јаловите обиди на една група властодршци да се спасат од затвор и да го сочуваат незаконски стеченото богатство.
Засега, слободата навистина се освојува бавно и макотрпно, но тоа е процес кој неминовно ќе има крај што ќе значи триумф на слободумните и продемократските сили. Тоа им е јасно и на запенавените борци за фотелјите. Но, патот до слободна и демократска Македонија е долг и трнлив и ќе бара уште многу напори и жртвувања, токму затоа што е и единствениот излез за спас од амбисот.
Македонија цела деценија се стрмоглавува кон дното. Сега, шаренилото и нуди на кревкава држава некаква шанса да исплива, да се измолкне, и да тргне наназад - кон вистинските насоки кои одамна ги напушти, бегајќи во виртуелниот свет, поради што стана објект на мајтап или на сожалување во светот.
П.С.
Сигурно дека во реките народ ќе има и такви кои ќе се обидат боите на Шарената револуција да ги искористат и за маскирање/покривање на вцрвените образи - од срам поради опортунистичкиот молк и затворањето очи пред вулгарниот криминал (познатите фрази за наведната глава и сабјата или за помагањето на џелатот со ортомата од дома, каде е грижливо сокриен кубурот за некои подобри времиња...), поради колаборационизмот со убијците на демократијата со идиотскиот аргумент дека „сите се, нели, исти“, поради сочувувањето на богатството од тајкунско-арамиската приватизација, или поради голиот кукавичлак што како дел од менталниот склоп - не дозволува исправање на рбетот. Токму збиените редови на граѓанската Шарена револуција мора да ги спречат вејките и сончогледите, повторно и повторно, да се шлепуваат како „револуционери од под Јорган планина“... Нивните мачканици – не се дел од Шарената Македонија!
Оваа вест е достапна и на: Albanian