Под мотото „Ние сме медиумите!Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“, ЦИВИЛ - Центар за слобода, денеска во Струмица, со почеток во 19:00 часот во Малиот градски парк, ќе го промовира граѓанското новинарство со музика, проекции и разговори со граѓанките и граѓаните.
Јавниот настан, со диџејски сет ќе го отвори тимот на ЦИВИЛ, а поезија ќе читаат Ѓорѓи Калајџиев, Сузана Мицева и Џабир Дерала.
Во вториот дел од програмата присутните граѓанки и граѓани ќе имаат можност да ги видат досега наградените трудови на граѓанските новинари во рамки на проектот Граѓански објектив, како и известувањата од граѓанските новинари за протестите во Струмица, но и во другите градови низ Македонија.
Тимот на ЦИВИЛ ќе биде достапен да одговори на прашањата на заинтересираните граѓани за проектот и за условите за учество во месечните натпреварувачки циклуси во проектот.
Проектот Граѓански објектив е финансиран од National Endowment for Democracy.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе за развој на граѓанското новинарство во земјата. Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси. Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право низ интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со создавање и прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.