Предвидениот краен рок за пријавување на граѓан(к)и чии што записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, односно, за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните - предмет на проверки во Избирачкиот список е 19 август. Ова е одлуката која Државната изборна комисија ја донесе на вчерашната седница.
39.502 спорни гласачи е последната бројка околу која се договорија претставниците на политичките партии и експертите во ДИК. Овие гласачи по објавувањето на списокот денеска, ќе имаат рок од 25 денови да се пријават лично или со електронска пријава. Пријавувањето ќе се прави во подрачните единици на Државната изборна комисија, како и во канцелариите на Управата за водење на матични книги, со важечка лична карта или пасош, од 8.30 до 19 часот секој ден.
Доколку граѓанките граѓаните не го испочитуваат временскиот рок, нема да бидат внесени во списокот на гласачи.
ДИК на својата веб страна објави и Кодекс за набљудување на процесот за пријавување на граѓан(к)ите за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните - предмет на проверки во Избирачкиот список
Паралелно со пријавувањето на спорните гласачи, ДИК ќе спроведува и медиумска кампања, а граѓан(к)ите ќе ги добиваат потребните информации и преку пошта.
Податоците кои ЦИВИЛ – Центар за слобода ги добива, како резултат на долгорочното набљудување на терен од првиот момент кога ДИК го објави Избирачкиот список, се потврда за недоследности во прочистувањето на списокот, и за начинот на кој се спроведуваше теренската проверка. Извештаите и укажувањата на ЦИВИЛ кои се дел и од обемната публикација „Слободни избори- услов за кој не се преговара“, остават простор за сериозен сомнеж дека овој начин на пријавување на спорните гласачи кои се резултат само на теренската проверка на ДИК, не е доволен механизам за конечно прочистување на списокот и за враќање на довербата на гласачите во изборниот процес.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian