Почна одбројувањето до следната, да се надеваме, финална средба на политичките лидери во Брисел. Што ни носи вчерашниот ден и ова мачно одбројување? Што се однесува до самата композиција на прееговарачката маса, пред сѐ, се работи за процес во кој учествува еден претставник на опозицијата од едната страна и тројца претставници на една корумпирана власт, а тоа се Груевски, Ахмети и Тачи, на другата страна. На масата седат луѓе чиј кредибилитет е нула, по објавувањето на бомбите, но и по многуте извештаи на невладините организации и независните медиуми во текот на изминатите години.
На преговарачката маса ЕУ не ги повика организациите на граѓанското општество наспроти нивното инсистирање кое се темели на убедувањето дека искуството, експертизата и кредибилитетот на граѓанските организации можат многу да придонесат кон квалитетна транзиција на земјата во демократија. Особено ако имаме предвид дека токму граѓанското општество, во облик на граѓански иницијативи, пленуми, движења и спонтани демонстрации, ја започнаа македонската демократска пролет. А сега се неми набљудувачи на процесот.
Како и да е, средбата на 2 јуни претставува значаен напредок во овој процес. Извесно е дека Груевски е соочен со огромен притисок и дека полека почнува да се соочува со реалноста од која долго време беше многу оддалечен. Веројатно разбира дека неговото заминување од владата е неминовно.
Сепак, ако имаме предвид дека не постои некаков договор во минатото кој Груевски го испочитувал, можно е да бидеме сведоци на, благо кажано, непријатни пресврти во неговото однесување. Тој и неговата клика сѐ уште се способни да предизвикаат експлозивни ситуации, насилство и агресивен притисок врз јавноста. Не смееме да заборавиме дека тој го контролира целиот систем и институциите на нелегитимен начин, што му дава одврзани раце да спроведува самоволие и структурно насилство. Секој нов ден за Груевски е драгоцено време кое тој може да го употреби за забрзана подготовка на чекори кои ќе го спасат од одговорноста за криминалите на која мора да биде повикан кога-тогаш. Како што гледаме, неговото самоволие продолжува, изразено преку судењата на демонстрантите, продолжувањето со градежните активности поврзани со Скопје 2014, владините реклами и новите задолжувања, а на провладините медиуми како веќе да започна предизборна кампања.
Дека тој можеби подготвува нешто сведочи и договорот да не се објавуваат политичките бомби до 10 јуни кога е закажана, финалната рунда од овој маратонски политички меч. Дека тие му нанесуваат огромна штета, стана очигледно уште пред да се објави првата снимка. И токму договорот да не се „детонираат“ во овие пресудни денови, може да биде многу симптоматична. На крајот на краиштата, тоа е уште една неправедна позиција во која се наоѓаат опозицијата и општеството во целост. Додека на јавноста ѝ е ускратено правото да знае, Груевски и неговата влада продолжува да глуми нормалност.
Дипломатијата на Европска Унија мора да преземе одговорност за начинот и динамиката на водењето на овој процес, за мерките и решенијата кои ги предлага, како и за тоа дека го игнорира граѓанското општество во Македонија. ЕУ мора еднаш да го прифати фактот дека предолго ја трампаше македонската демократија и човековите права за привидна стабилност во Македонија.
Сега, кога евро-дипломатите се во позиција, практично, да го менаџираат надминувањето на оваа криза, граѓанките и граѓаните очекуваат да помогне и да придонесе кон трајни и одржливи решенија кои ќе помогнат во земјата да се врати демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. На Македонија не ѝ е потребно ново хибернирање, туку спас.
Џабир Дерала