70-годишник две години протестира барајќи правда!

Секој работен ден од 10 до 12 часот, повеќе од две години, Душан Бранковиќ (70) од Скопје, со транспаренти во рацете, мирно протестира пред Министерството за правда на Република Македонија, бидејќи не е задоволен од одлуката на Врховниот суд на Република Македонија, со која земјиштето кое му припаѓа, им е доделено на други лица.

„Протестирам, затоа што Врховниот суд донесе пресуда дека општинското решение е појако од одлука на Врховниот суд. Има и други причини, но можам да кажам дека сицилијанската мафија може вода да му носи на овој суд“, вели Бранковиќ.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=_L4Ms_sFdeE[/youtube]

На прашањето на ЦИВИЛ Медиа, дали смета дека судството е партизирано,  Бранковиќ одговори: „Не да е партизирано, туку е под страшна команда! Се работи за земјиште кај „Македонија Табак’, кое што сега има маркица, мојот плац е 3440, и тоа е на 9 ката, па сега можете да замислите за каков залак се работи“.

Тој истакна дека Врховниот суд навел оти се зема предвид општинското решение од 1962 година, а останатите не биле релевантни за донесување на поинаква пресуда. „Како е можно да не се земе за релевантна сопствената пресуда од 1973 година? Се жалев до Судскиот совет на Македонија, кој ми одговорија дека Врховниот суд правилно постапил. Да потстетам дека претседателката на Врховниот суд на Македонија е член на Судскиот совет“, вели Бранковиќ.

Се работи за земјиште кое во 1949 година со акт за експроприција во корист на „Тутунскиот комбинат“ од Скопје, било одземено како парцела на Трајанка Стојанова, бабата на Бранковиќ. Триесет години подоцна, со решение на Општина Килела Вода, истата парцела повторно се одзема од Стојанова, иако таа веќе не е негов сопственик, и му се доделува на претпријатието „Јавор Скопје“.

„Ова решение е невалидно, бидејќи имотот веќе еднаш е одземен од баба ми, не може да одземете нешто од некого, ако тој тоа го нема“, вели Богдановиќ.

Тој вели дека по долгото талкање низ институциите во државата, во 1973 година, со пресуда на Врховниот суд на Македонија, спорното земјиште се враќа во сопственост на Стојанова, но тоа, дури во 1996 година, се заведува во поседовниот лист на име на Трајанка Стојанова во Агенцијата за катастар на недвижнини. Истата година, врз основа на наследно решение, земјиштето се евидентира на име, Славка Бранковиќ, односно, мајката на Душан Бранковиќ.

Во 2003 година покренале судска постапка, во која првостепениот и Апелациониот суд, донеле одлика во корист на тужениот - „29 Ноември“, но по Ревизијата, Врхавниот суд ја вратил на повторно разгледување и одлучување.

„По спроведените вештачења и супервештачења, првостепениот суд донесе пресуда со која го уважи тужбеното барање, со кое се задолжува тужениот да плати повеќе од 23 милиони денари, поради неосновано збогатување. Апелациониот суд ја преиначи оваа пресуда, а Врховниот суд ја одби ревизијата како неоснована“, вели Бранковиќ.

Бранковиќ вели дека од АД „29 Ноември“ Скопје, поднеле пријава до Фондот на ПИОМ, дека мајка му е почината и дека тој покажува друга стара жена колку да може да ја користи нејзината пензија?! „Кога дојдоа од ПИОМ ја видоа мајка ми дека е жива. Јас поднесов тужба за навреда и клевета, но ми беше одбиена како неоснована“, вели тој.

Бранковиќ вели дека мирно ќе протестира секој работен ден од 10 до 12 часот пред Министерството за правда, сé додека не ја истера правдата до крај и не си го врати земјиштето кое му припаѓа. Тој смета дека судството набрзо ќе се ослободи од политичките притисоци и ќе почне да работи во корист на граѓаните и ќе ги практикува Уставот и законите.

Оваа вест е достапна и на: Albanian