75,91% од анкетираните го оправдуваат бојкотот на изборите!

Вкупно 988 испитаници ја пополнија онлајн анкетата „Дали и какви избори ќе има на 5 јуни?“, преку која ЦИВИЛ – Центар за слобода го детектираше мислењето на граѓанките и граѓаните за определбата на повеќето опозициски партии да ги бојкотираат изборите на 5-ти јуни.

Онлајн анкетата се спроведе во период од 8 април до 12 април, со одличен одѕив на прашањата  кои се однесуваа на условите за одржување слободни избори, на тоа дали изборите ќе помогнат во надминување на политичката криза, на довербата во Избирачкиот список, на политичката дискриминација, на медиумите и на Договорот од Пржино.

Сите анкетирани имаа можност да одговараат на 10 прашања поврзани изборите на 5 јуни.

БФГ

На прашањето „Дали ќе гласате на изборите на 5 јуни?“, дури 67,31% од испитаниците одговориле негативно, а 11,94%, сé уште не знаат дали ќе го остварат своето гласачко право.

На прашањето за бојкот од повеќе опозициски партии на изборите на 5 јуни, 75,91%  од испитаниците одговориле дека ставот на опозициските партии е позитивен, а 9,01% нивниот став го оценуваат целосно негативно.

Дури 86,64% од анкетираните веруваат дека изборите на 5 јуни нема да овозможат излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија.

Иако предуслов за слободни избори, според Договорот од Пржино,  е прочистен Избирачки список,  85,43 % од анкетираните се уверени дека Избирачкиот список ќе остане непрочистен за изборите на 5 јуни.

ДХ

Дури 90,28% од испитаниците се сигурни дека и овие избори ќе поминат со злоупотреба на државните ресурси за кампања, а 90,18% сметаат дека целиот изборен процес ќе биде поврзан и со притисоци врз вработените во јавната администрација.

Речиси половина од испитаниците, 44, 03%, биле сведоци на партиски притисоци на работното место.

Иако во цивилизирани држави се очекува медиумите објективно, професионално и непристрасно да ги набљудуваат и да известуваат изборниот процес, за 87,75% од граѓанките и граѓаните на Македонија кои ја пополниле анкетата, медиумите нема да овозможат амбиент на  рамноправна медиумска кампања на политичките партии.

ДГХЦТХ

Во овој период постои конфузија меѓу испитаниците во спроведувањето на Договорот од Пржино. 41,70% сметаат дека поголем дел не е спроведен, 34,92% дека воопшто не е спроведен, а 14,27% дека делумно е спроведен. Останатите испитаници веруваат дека во голема мера, Договорот од Пржино е спроведен.

Онлајн анкетата беше спроведена во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Биљана Јордановска