8 Mарт е празник на жената и на нејзината борба за рамноправност во светот со кој раководат мажите, празник на потребата од самостојно и подеднаково одлучување за сопствената благосостојба на економски, политички и егзистенцијален план, на борбата која се води повеќе од еден век.
На 8 март 1913 година, жените од целиот свет го искористиле своето право на протест против војната кој останал запомнет како почеток на првите револуционерни промени кои ќе го обележат периодот меѓу двете светски војни. Борбата за човекови права на жената сé уште не е извојувана, барем, не е во Македонија. И така ќе биде, сé додека почитта кон жената се изразува еднаш годишно и се придобива со материјални добра.
Жените во Македонија, во институциите, на работното место, во семејството, во општеството во целост..., сé уште се борат за своето достоинство, за своите права, за поголема застапеност во сите општествени сфери, за своето тело и ум, и во многу случаи, за жал, за својот живот.
Тоа значи дека жената во Македонија во многу случаи се бори против мобинг на работното место, против сексуално искористување и угнетување, против семејно насилство, против потчинетоста и животот со наведната глава, против манипулацијата со религијата, со лажните вредности и традицијата, а ЗА – самостојно донесената одлука за својот пород.
Пред сé, жената е таа кој треба да се залага за родова еднаковост, рамноправност и почитување на универзалните права и слободи, подеднакво за сите граѓанки и граѓани. Фактот дека жената е предмет на стереотипи и предрасуди кои во многу случаи, особено на овој ден, 8 Март, ја ставаат во позиција на декоративен субјект, е алармантен за јавноста и за институциите.
Со оглед на политичката состојба во Македонија, и на третманот на трите жени – хероини, како што беа наречени во некои медиуми, кои се обидуваат да се изборат за правдата и законот, како и за враќање на институциите во служба на граѓан(к)ите, може да се заклучи дека борбата на жените, не само што е макотрпна, туку дека ќе биде и долга и проследена со притисоци, манипулации и преиспитувања за улогата и значењето на жената во општеството - како мајка, сопруга, партнерка, работничка, другарка и пред сé, и над сé, како човек.
Оној ден кога мажите ќе разберат дека зад нивното право на моќ и доминација стои успешна жена, дека експанзијата на нивното либидо е детериминирана од желбата и потребата на жената да биде љубена, како и дека жената делува - додека мажот сé уште размислува, ќе сфатат дека жената по својата природа е таа што треба да владее со светот.
Со честитката за 8 Март, на сите жени во Македонија и во светот им посакувам - нивната борба да биде насочена кон заштита на своите права и слободи, достоинството, рамноправноста и признавањето на улогата на жената во општеството.
И порачувам, додека мажите виорат во раздор и војна, ние да биде градителки на мирот и слободата!
Оваа вест е достапна и на: Albanian