Јас сум среќна сингл-мајка на среќно дете!

Никој не ме поддржуваше во намерата да го родам моево, веќе тодлерче. Цела бременост го пешачев Скопје надолго и нашироко. Кога требаше да се породам, почнав да размислувам дека ќе си имам работа со индивидуалец кој не ферма термини, рокови и прописи... И, колку се радував, толку и ѕебнев: страшна радост- радосен страв. Секојдневно, две недели, нозете сами ме водеа, понекогаш и по два пати на ден, до болницата каде требаше да се роди малово мое. muaZsOmИстите тие две недели, секојдневно ја чистев собата во која требаше да го донесам малото, „генералка“ што се вели. Сакав сé да биде достојно за моето мало. Чисто. Кога веќе го носам на свет, каде имаме само една чиста ситуација: мајка - дете, барем да имаме чиста соба.

Додека бев бремена, бев спокојна на чуден начин. Уште почудно ми беше што никогаш претходно, не сум ги разбирала нештата како тогаш. Сé што секојдневно правиме, сите мали-големи грижи, сето кинење нерви, неприфаќање, удирање со глава во ѕидови, сето тогаш ми изгледаше безвредно, залудно... Сите луѓе во своите нереални стравови, гневови, патетики, желби, празнословија... Сето тоа е залудно. Залудно потрошено време-бреме, залудно отиден живот.

Сите кои ми велеа дека сум луда, дека сингл-мајка не се станува како на филм, дека ќе е тешко, дека немам основ да го родам моето мало, дека немам услови, дека немам поддршка, дека грешам, дека креваат раце од мене..., на сите им благодарам. Немав услови, навистина. Немав ни поддршка. Немав ни постојани материјални приходи. Немав многу, ама знаев што сакам и знаев дека ќе направам сé што треба за да бидеме добро, јас и моето малечко.

Дојде и тој ден, породувањето. Се подготвував медитативно, се вооружив со храброст, со обетки  и со верба unnamedдека сé ќе биде во ред, со „испеглана“ коса и со „среќните“ патики. Оние, со кои ги изодев сите улици на тага и надеж, солзи и страсти и љубов, патиките кои ме водеа до патот на нереално здраворазумие. Отидов сама и решителна, со насмевка. Брзо ми мина и драмата на породувањето. Тие дваесеттина часови, „ние“ ги прифативме и одобривме со насмевка и намигнување, уште на боксот. Немаше место во собите каде требаше да не сместат, мене и уште една жена со нејзината принцеза, па децата чекаа во една голема соба со многу други, а ние мајките требаше да лежиме во привремена соба.

Јас не можев да лежам. Сакав да излезам и да трчам. Сакав да трчам и да пеам и да бидам со моето дете. Отидов два ката по скали, зашто она што го чувствував, не ми даваше да чекам лифт...

Ја најдов собата со бебињата, се разбрав со сестрата која со неверување ме гледаше и ми дозволи да се погалам со моето малечко, па ме седна во количка иако не сакав, и ме врати во соба во која бев со жена на која новороденото девојче и беше шесто дете по ред. Таа се смееше со мене, и ми велеше дека секое раѓање е чудо, за секое се радуваш како прво дете да ти е, ама учиш да се штедиш, да внимаваш на себе, за да можеш да внимаваш и на децата. За да ги насочиш, а потоа сами си се чуваат,  ми велеше со смеа.

И навистина е така, најголемата мисија денес ми е да го научам моето малечко, самото да се грижи за себе, согласно возраста. Не ми е проблем ако се расплаче во моментот кога ми ги тестира границите и ме проверува колку сум сериозна во моите одлуки што не му одговараат. Не сум автократ, најчесто му нудам опции – самиот да учи да донесува одлуки во животот и да се справува со последиците. Веќе не ми е приоритет „пегланата“ коса пред излегување.

Да, сакам да се разубавам кога имам време и сила, ама кога немам, уживам во својата природност и око не ми трепнува. Но, неретко од мене бараат да одам нашминкана и средена на семејни родендени и не знам какви собири, да имам чевли со високи штикли, да имам слух за нивните проблеми на работа, за нивните жалби и поплаки од роднини, пријатели и животни партнери... Ме повикуваат да бидам какви што се тие, а кога не сум таква, ме камшикуваат со најужасните, најпровидни школски примери на патријархалност. Безброј пати сум слушнала што и како „и личи на една мајка“, триста чуда кои всушност, ни се наметнати под плаштот на природност и секојдневие, и толку систематски ни се вметнати под кожа... Толку многу секојдневно, едни со други се дисциплинираме да останеме во незавиднава позиција во која што сме, што е  просто неверојатно.

Малово мое го учам дека среќата и исполнетоста, мирот и спокојот во животот не се право пропорционални со среденоста, со маската која ја ставаме за вака или онака да изгледаме, дека не зависат од тоа дали имаме дупче на чорапата и што другите мислат за нас. Во денешно време, успех е да си среќен, да влезеш во костец со животот кога треба, да наоѓаш убавина во луѓето, во природата, во игрите, обврските, во живеењето. Ќе го пуштам моето мало да ја носи онаа боја која ја сака, да има фризура каква мисли дека му е ОК, му давам да „меси“, да игра со играчка- бебе и  со играчка-трактор, да практикува одговорност со рибите во аквариум. Сакам да израснам диво и слободно дете, да е свое, да балансира, да тагува, да преболува и да не се штеди, да љуби, па што биде!

Нема да носам штикли - за светот, Сега ми се убави патиките, оние среќните, оние кои ме водат кон врвот. Јас сум среќна сингл-мајка на среќно дете!

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.