Молчам додека ме боли, свиена, ме боли во коските... Како утка висам. Очите празни и пусти, но кревката душа, дете носи. Оловно тешко. Додека спијам, како кучка вијам. Од никаде нема глас, ни утеха... Додека спијам, мозокот го делам на две, душата веќе ми ја земаа... Кого да го сакам? Има ли место за него? Сакам... Молчам дури боли...
Со крената глава, одам... Како врзоп жито среде поле. Како црвени булки крај шините. Ете, како нив, ретко, ама убаво...
А сакав да те чувам, проклето нека е.
Молчам. Ја соблеков кожата, на која само лузни носев. Дадов душа без да барам нешто, сакав - без да ме сакаат. Јас можев и повеќе, но не беше доволно. Ми го бараа срцето, да го извадам и да го дадам. Е, тоа не можев...
Утробата ми се превртуваше. Од гадоста која на клепките ми стоеше како лош римел. Сакав да ги потопам своите раце во крв, сакав... Ама бев доволно силна да застанам. На последната скала. И да кажам - никогаш повеќе! Можеш само да гледаш како некој друг на моите усни ќе се облажува. И ќе прави да се смеам. До лудило...
Јас сум мајка, можам сé!
Што и да направам, нема да се покајам, верувај. Затоа што, секоја моја одлука е исправна.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.
Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.
Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.