Хрватски експерти за изборни процеси на јавен настан во Скопје

Како се финансираат политичките партии и изборните кампањи? За да го одговори ова и низа други прашања во оваа сфера, ЦИВИЛ - Центар за слобода ја организира тематската средба “Финансирање на политичките партии и на изборните кампањи“, во петок, 20 ноември 2015, во хотел Опера Хаус, Скопје, со почеток во 11:30 часот.

Меѓу говорниците на оваа тематска средба се Александра Јозиќ Илековиќ од Центар за одличност при хрватското МНР и Драган Зелиќ од ГОНГ. Н.Е. Амбасадорката на Република Хрватска, г-ѓа Данијела Баришиќ ќе ја отвори тематската средба.

Финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи, е една од најважните теми во изборниот процес. Република Хрватска, како земја од регионот со слични искуства и предизвици како и Македонија, може да понуди добри решенија во оваа област и да помогне во надминувањето на предизвиците на подолг рок.

На средбата се поканети претставници од сите политички партии, организациите на граѓанското општество, активисти, медиуми и заинтересирани граѓанки и граѓани.


Дополнителни информации: Експертски тим од Хрватска за поддршка и обука на ЦИВИЛ

GONG_logo_gong.hr_ГОНГ е граѓанска организација основана во 1997 година за да ги поттикне граѓаните активно да учествуваат во политичките процеси. Цел на организацијата е промовирање и подигнување на човековите и граѓанските права, како и поттикнување и зајакнување на свеста на граѓаните за учество во политичките процеси. ГОНГ ги промовира културниот дијалог, отвореноста, транспарентноста и одговорноста во јавниот домен, истовремено почитувајќи ги човековите и граѓанските права, преку истражување, застапување и образование, самостојно или во соработка со поединци и/или организации кои ги делат вредностите на организацијата.

dragan zelicДраган Зелиќ дипломирал политички науки на Факултетот за политички науки. Негови области на интерес, меѓу другото, се: изборниот процес, вклучувајќи го и избирачкиот список и изборното менаџирање, транспарентност на јавните органи и борба против корупцијата, со акцент на транспарентноста во финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и конфликтот на интереси. Своето искуство во ГОНГ и познавањето на набљудувачкиот процес на изборите и едукацијата на гласачите, тој ги пренесува на граѓанските организации во Русија, Монголија, Либан и Ерменија. Тој, исто така, учествувал во набљудувачките мисии на ОБСЕ, НДИ и ЕНЕМО на изборите во Азербејџан, Белорусија, Бугарија, Либан, Израел – на Западниот брег и Појасот Газа, Словачка, Украина и САД. Се занимава со истражување и анализа на различни правни рамки и со меѓународните стандарди поврзани со изборите, корупцијата и транспарентноста на јавните органи.

6ilekovic2.jpg.Александра Јозиќ-Илековиќ дипломирала право на Универзитетот во Загреб. Нејзините области на интерес, меѓу другото, се: финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи. Била заменик на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) на Република Хрватска (за време на претседателските избори во 2009 година и 2014 година, на парламентарните избори во 2007 година и 2011 година, во изборите за Европскиот парламент во 2013 година и 2014 година, на Референдумот за пристапување во ЕУ во 2012 година и Референдумот за уставната дефиниција на бракот во 2013 година). Јозиќ-Илековиќ била на чело на ФАРЕ и ИПА програмите за ДИК во проектот финансиран од ИПА за зајакнување на финансирањето на политичките активности и изборниот систем за контрола на публицитет. Таа е автор на експертизи и на статии за уставното право и за правата на националните малцинства, како и избирачкото право. Работи како висок советник во хрватската Влада, во Секретаријатот за законодавство, како советник на министерот за јавна администрација и како советник во Град Загреб. Дел е од експертскиот тим на Центар за одличност при Министерство за надворешни и европски работи на Република Хрватска.