Сите за слободни избори во Битола

ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со битолското здружение „За нас се работи“ ќе ја претстават кампањата „Сите за слободни избори“ во Битола, в сабота, на 5 декември, во објектот познат како „Магазата“ на плоштад „Магнолија“, со почеток во 12 часот. Тоа е кампања за јакнење на јавната свест за гласачкото право и придонес кон создавање услови за слободни избори. Настанот веќе го најавија повеќе битолски медиуми.

Најголем дел од националните медиуми не емитуваат содржини ниту известуваат за напорите на граѓанското општество да придонесе кон надминување на политичката криза, демократизацијата и слободните избори. Затоа, ние со години ги претставиме нашите сознанија и информации во директен контакт со граѓанките и граѓаните, во интеракција со нив.

ЦИВИЛ подготви видео содржини и печатен материјал за настанот во Битола. Сите свесни и слободољубиви граѓанки и граѓани се повикани да гледаат вести кои ги нема во програмата на повеќето национални медиуми. Посетителите ќе можат да учествуваат и во фото-петицијата за поддршка на слободните избори. Микрофонот е отворен за сите што сакаат да споделат информации и ставови. Пораката на организаторите е: Направете ја програмата ваша!

Кампањата „Сите за слободни избори“ е дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ кој го имплементира ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со повеќе организации и иницијативи на граѓанското општество. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Оваа вест е достапна и на: Albanian