ЦИВИЛ – Центар за слобода во Струмица, на 28 и 29 ноември, го одржа четвртиот семинар „Биди граѓански новинар“, во рамки на проектот „Граѓански објектив“. На семинарот учествуваа активисти, граѓан(к)и и поддржувачи на ЦИВИЛ од Струмица, Валандово, Гевгелија и соседните општини.
Обуката имаше за цел да им пренесе основни познавања од видео-активизмот, набљудувањето и известувањето, преку едукативни модули за истражување и активизам. Исто така, учесниците, пред сé, се стекнаа со знаења и вештини за долгорочно набљудување на изборите и на човековите права и слободи.
Предавачи на овој семинар беа истакнати професионалци и експерти во новинарството, уметноста и активизмот. Покрај тимот на обучувачи од ЦИВИЛ, Синиша Станковиќ, Горан Наумовски и Џабир Дерала, предавачи беа и Петрит Сарачини, Огнен Теофиловски, Ѓорѓи Калајџиев и Сузана Мицева.
Петрит Сарачини, како граѓански активист и новинар, зборуваше за поврзаноста на активизмот и медиумите и за искористувањето на медиумите како алатка за остварувње на тесно партиски цели. Тој ја потенцираше неопходноста од активирање на сите креативни потенцијали на слободоумните луѓе за во Македонија конечно да се организираат слободни, фер и демократски избори.
Фоторепортерот Огнен Теофиловски, долгогодишен соработник на агенцијата Ројтерс, на учесниците им го доближи своето професионално кредо и низ фотографии од неговата богата кариера и низ инспиративното излагање за предизвиците на професијата фоторепортер.
Поетот и новинар Ѓорѓи Калајџиев пред своите сограѓани и останатите учесници на семинарот говореше за улогата на интелектуалецот во пресвртни времиња, за односот на творецот кон цензурата и кон сите форми на „униформирање“ на слободната мисла и за борбата на поетот против тиранијата.
Новинарката Сузана Мицева, која меѓу првите пролетоска започна со известување за смртните случаи на бегалците на македонските пруги и во целиот овој период ја следи нивната голгота, зборуваше за моралните дилеми на репортерот кој известува од лице место, за проблемите со кои при исполнувањето на професионалната агенда секојдневно се соочува новинарка која истовремено е и сопруга и мајка.
Завршниот семинар „Биди граѓански новинар“ ќе се одржи во Велес, на 19 и 20 декември во хотелот „Гарденија“. На семинарот можат да се пријават сите полнолетни граѓанки и граѓани на Република Македонија кои до сега немале можност да учествуваат на регионалните семинари.
На семинарот можете да се пријавите до 17 декември (четврток) онлајн или на [email protected] со испраќање на кратка биографија и мотивациско писмо.
Секој учесник кој ќе ја заврши обуката ќе добие и сертификат.
Во проектот „Граѓански објектив“ можат да учествуваат сите полнолетни граѓанки и граѓани на Република Македонија, со фотографии, видео и аудио снимки и текстови за сите видови закани, уцени, корупција во изборен контекст и кршење на гласачкото право. Секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е 110 долари!
Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и повикан е да се вклучи во нашиот проект.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.