Основното човеково право на здрава животна средина, загарантирано со членот 43 од Уставот на Република Македонија, продолжува да не се почитува од политичките и финансиските центри на моќ. Државата, која според истиот член треба да обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, веќе подолго време тоа не го прави. Спротивно на тоа, политиките кои власта ги спроведува, директно придонесуваат за влошување на состојбата. Македонија е на петто место според бројот на смртни случаи годишно, предизвикани од загаден воздух. Но, годинава, надлежните и по повеќе од 100 дена загаден воздух, со енормно присуство на ПМ 10 честички, не преземат ништо!
Додека секој обичен граѓанин, секојдневно, според најновиот извештај на Светска банка, го дише најзагадениот воздух во Европа, власта живее во друга реалност. Дали македонските властодршци дишат увезен воздух од државите каде институциите се погрижиле да им обезбедат здрава животна средина на своите граѓани, па единствено се фокусирани на предизборната кампањат? Тие со полн ек работат на зачувување на политички фотелји, како што турбо работат фабриките без филтри. Иако, во Кривичниот закон на Република Македонија, во член 218, загадувањето на животната средина кое е предизвикано со неодговорното работење на надлежните институци и неказнувањето на големите индустриски фабрики, се казнува со затвор до 10 години.
ЦИВИЛ - Центар за слобода, со заложба одговорните меѓу надлежните личности и институции, да не останат неказнети, го поддржува протестот: “Излези за воздух!”. Протестот е закажан за 28 декември (понеделник), во 17 часот, пред Владата. Организатори на протестот се повеќе граѓански здруженија и иницијативи од цела Македонија.
ЦИВИЛ ги повикува сите свои поддржувачи и сите граѓани кои го дишат загадениот воздух да се приклучат на протестот пред Владата, со една цел: Надлежните да преземат итни мерки со кои ќе се заштити здравјето на граѓан(к)ите!