ЦИВИЛ – Центар за слобода, продолжува со своите активности во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“. Регионалната работна група од Гевгелија, вчера одржа средба на која присуствуваа претставници на локалните граѓански здруженија, еден портал и на една партија која коалицира во власта на локално ниво.
На средбата се дискутираше за актуелната политичка криза и за тоа дали се создаваат услови за слободни избори во Република Македонија. Истакнат беше проблемот со непостоење на медиуми на локално ниво, со притисоците и политичката дискриминација и со затвореноста на локалната власт за иницијативите на граѓанките и граѓаните. Иако вон изборниот контекст еден дел од разговорот го опфати и долгогодишниот проблем на водата за пиење во Гевгелија со арсен.
Со присутните гевгеличани разговараме и за престојниот јавен настан „Сите за слободни избори“ во нивниот град, за кој ЦИВИЛ подготви видео-содржини и печатен материјал.
Регионалната работна група е ад-хок тело кое се формира во рамките на проектот: “Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани”, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Оваа вест е достапна и на: English