Зоран Заев на Канал 5: Ставови и наредби

И опозицијата во Македонија има слични ставови со ЦИВИЛ - Центар за слобода, околу непостоењето услови за фер и демократски избори, неопходноста од поместување на датумот на изборите и особено, за проблемот со строго контролираните и необјективни медиуми.

Во интервјуто на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за ТВ Канал 5, во вторникот, неговата анализа за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, се совпаѓа со причините кои и ЦИВИЛ ги изнесе во својата анализа “Само слободни избори се шанса да се врати владеењето на правото” објавена на 10 јануари.

Screenshot 2016-01-13 14.19.29Заев, во интервјуто за Канал 5 посочува на најголемите пречки за одржување слободни услови. Реформите во медиумите и медиумската регулација со цел да се елиминира партискиот диктат, за што пишуваше и ЦИВИЛ во својата анализа, беа посочени како проблеми и од опозицијата.

СДСМ подолго време алармира за нерамномерната застапеност на политичките партии од власта и од опозицијата на програмата на најголемите национални телевизии Канал 5, Сител, Алфа и МТВ. Во интервјуто за Канал 5, лидерот на опозицијата даде пример за застапеноста на Никола Груевски на нивната програма: 10 пати за само 3 дена!

Континуираната и целосна имплементација на Договорот од Пржино, особено делот за медиумска регулација, е услов за излез од политичката криза и за обезбедување на фер и демократски избори. Ова е став, не само на опозицијата и на ЦИВИЛ, туку е став и на тројцата европратеници Ховит, Вајгл и Кукан, кои неделава, беа во дводневна посета на Македонија.

Учеството на Зоран Заев во емисијата на ТВ Канал 5, за жал, не помина без скандал, што само уште еднаш го потврди проблемот со партиски контролираните и диригирани медиуми во Македонија.

Повикувањето на Заев во емисија на телевизија која е дел од опозициската листа на медиуми „политички непријатели на СДСМ“, за дел од јавноста беше изненадување. Но, гафот на главната и одговорна уредничка на телевизијата Лидија Богатинова, која присуството на Заев го оквалификува како „гостување по наредба“, не беше изненадување.

Оваа епизода во интервјуто е уште една потврда дека во дисциплинираните медиуми се продолжува со послушничката пракса на натрапниците во новинарската професија, да функционираат единствено по наредба на центрите на моќ.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian