Ромите во Македонија често се мета на политичка манипулација и на злоупотреба за партиски цели. Дури и ромските политички партии максимално ги искористуваат егзистенцијалните проблеми на голем дел од ромското население.
Надоврзувајќи се на приказната за ромските балови, за раскошот и бедата како илустрација на ромското секојдневие, истражувачкиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода откри случај на експлоатација на Ромите во една општина во југоисточниот регион.
Јавното претпријатие во договор со советникот во Општинскиот совет, а од редовите на една од ромските партии, склучило договор за заедничка распределба на средства од странски донатори, наменети за одржување на хигиенатана на една локација со голема фреквенција на луѓе. Средствата биле добиени за ангажман на 20 лица по договор на дело.
Вработувањето било по партиска линија и најголем дел од вработените биле Роми. По добивање на платата на сметка, секој од дваесетте вработени бил должен да врати по 3.000 денари на рака кај „шефот“, односно советникот на Општината. Образложението било дека „по грешка“ им се исплаќале на сметка по 3.000 денари плус, а оние на кои им станала јасна „грешката“ во потпишаниот договор, биле уценувани „или секој месец по 3.000 ќе одвојуваш, или ќе си одиш дома“.
Но „шефот“ не застанувал тука. Секојдневно им викал, ги навредувал и им се заканувал со прекин на договорот. Чекајќи долго за вработување, а плашејќи се да не ги загубат и тие пари што им остануваат по исплатата на „рекетот“, ангажираните работници, молчат и работат со наведната глава.
Прашањето кое се поставува со години, а нема одговор е: До кога Ромите ќе бидат на маргините на општеството во Македонија и ќе служат како монета за поткусурување во меѓупартиските трговии за власт? И, ќе остане неодговорено, сé додека ромските лидери и државната власт не покажат политичка волја и не вложат време и средства за задоволување на минималните услови за живот на ромското население.
ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува ваквиот начин на деградирање и сегрегација на ромското население, и непочитувањето на работничките права и човековите права и слободи. Партиското вработување, притисоците, уцените, манипулацијата и континуираниот мобинг врз работниците, конечно треба да биде на дневниот ред на политичките партии за санирање на состојбите и за санкцонирање на ваквите дела.
Истражувачки тим
Истражувачкиот тим на ЦИВИЛ располага со голем број извештаи и за други состојби на загрозување на човековите права и слободи, како и низа други форми на политички притисок и манипулација.