Додевска: Вртоглавото задолжување на Македонија

По повод овонеделното задолжување на Владата за нови 12,5 милиони евра, со кои врз плеќите на граѓан(к)ите е струполен дополнителен  товар кој уште подлабоко ги заглибува и нив и нивните деца во должничкото ропство, ЦИВИЛ Медиа побара изјави од двајца искусни новинари и уредници, експерти за економија, кои со години наназад ја следат оваа сфера: Анета Додевска, автор и водител на емисијата „Тренд“ на ТВ „24 Вести“ и Горан Теменугов, уредник на економската рубрика на ТВ „Алсат – М“.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=baCZ2Pr67Vo[/youtube]

„Од почетокот на годинава, само за две недели, односно, само на два аукциски дена, Владата кумулираше и создаде нов долг од 23 милиони евра! Е, сега, ова не би било изненадувачки ако ја немаме изјавата на министерот за финансии, кој само пред два месеца, кога ја зедовме еврообврзницата од 270 милиони евра, изјави дека тие пари од тоа задолжување, практично ќе стасаат да се покријат буџетските финансирања и трошења во првото полугодие од оваа година. Со ова, практично се отвара дилемата зошто Владата само за две недели, од јануари кумулираше долг од 23 милиони евра? Па, нели, парите од таа еврообврзница требаше да стасаат за целото прво економско полугодие?

Генерално, задолжувањата во земјава стануваат проблем, според мене, веќе и на краток рок. Кога ги анализираме задолжувањата, важни се две работи: прво, темпото со кое Македонија се задолжува и второ, за што се задолжуваме.

Една анализа на бројките што сега ја направив, покажува дека според последните податоци, вкупниот јавен долг, значи зборувам за вкупен јавен долг, не за државен долг на Македонија, изнесува 3,9 милјарди евра. Во 2007 година, оваа бројка изнесувала 1,5 милјарда евра, што значи дека за 9 години, Македонија го зголемила вкупниот јавен долг за 2,4 милјарди евра.

Ова покажува дека динамиката, темпото на задолжување е големо, а од друга страна, останува и она прашање - за што ги трошиме овие кредити? Ние имавме примери кога министри за финансии велеа дека земаме еврообврзница што по дифолт претставува скапо задолжување, за да ги финансираме, на пример, најавите за зголемени плати, зголемени пензии, плати на администрација и тие тековни буџетски трошења, што според мене економски не е логично и не е оправдано. Така што, јас сметам дека задолжувањата веќе претставуваат сериозен проблем. И покрај тоа што Владата вели дека Македонија и понатаму е 4-5 земја во Европа според нивото на задолженост, тука треба да се одговори на прашањето - дали нашата економија е доволно моќна и силна на краток и на среден рок, да си ги сервисира своите обврски.

Ќе потсетам само на уште нешто од буџетот од годинава, само по основ на главница за задолжување и камата, годинава треба да се раздолжиме за скоро 500 милиони евра!“

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish