Подобрување на заштитата на личните податоци во Македонија е цел на проектот “Поддршка за пристап до правото на заштита на лични податоци”, кој денеска беше презентиран во рамки на одбележувањето на Европскиот ден за заштита на лични податоци.
Проектот е финансиран од Европската унија, а официјално започна да се реализира во ноември 2015 година.
Денес, проектот го претстави евроамбасадорот Аиво Орав кој ја истакна потребата од хармонизација на регулативата и на македонските закони со законите во ЕУ, во поглед на заштита на личните податоци. Еден од партнерите во реализација на проектот е „Виалто консалтинг“ од Унгарија. Претставникот на фирмата, Габор Фришман, оцени дека постојат многу предизвици пред Дирекцијата за да се постигнат реални и конкретни резултати што е и цел на овој проект. Тој најави дека ќе биде обезбедена соодветна поддршка на Дирексцијата, и ја потенцираше важноста на медиумите во делот на објавување, пристап и заштита на личните податоци.
Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци Горан Трајковски, зборуваше за досегашните ангажмани на дирекцијата кои, како што истакна, се во делот на едукацијата во јавните институции, инспекторскиот надзор и едукацијата на контролорите, како и подигнување на јавната свест за значењето на личните податоци. Целта на проектот е имплементација на Стратегијата за заштита на личните податоци 2012-2016, зајакнување на капацитетите за имплементација на Законот за заштита на личните податоци и имплементација на ISO стандардизацијата за информациска безбедност. Проектот ќе се реализира во наредните две години, а предвидениот буџет е 900.000 евра.
Амбасадорката на Република Германија, Кристине Алтхаузер и амбасадорот на Република Унгарија, Јозеф Бенце ја поздравија реализацијата на проектот и одбележувањето на Европскиот ден за заштита на личните податоци.
Оваа вест е достапна и на: Albanian