Победа на граѓанска Битола!

„Државните институции, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, тргнаа со една идеја која што гледаме дека во изминатите денови, граѓаните на Битола во мнозинство не ја поддржуваат. Го следевме тој процес и имавме меѓусебна комуникација. Размисливме и одлучивме - од понеделник да се стопира тој процес. Сигурно има некоја работа која нам не ни е докрај јасна, штом толку многу граѓани на Битола реагираат и ние треба да го почитуваме тоа“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при ретерирањето на власта од контроверзната идеја за продажба на Офицерскиот дом во Битола.

Пишува: Синиша Станковиќ

Пишува: Синиша Станковиќ

Настрана проблемот што Груевски никако не може да се помири со ситуацијата во која повеќе не е премиер и што е најблаго речено, чудно, лидер на партија така попатно, да зборува за повлекување на одлука на „државни институции“, мора да се потенцира дека Македонија е спадната на дереџе - еден лидер дури и на владеачка партија, туку-така, самиот да си реши да повлече одлука на Влада, со карикатурално образложение за „емотивната поврзаност на битолчани со зградата“.

И покрај бледиот обид на претседателот на Груевски да се забошоти битолскиот резил за ВМРО-ДПМНЕ, кој особено добива на тежина во предизборието, останува грдата слика за препотентноста и ароганцијата, како главни одлики на еден начин и систем на владеење, кој лицемерно, најчесто се повикува на „народот„, или во конкретниот битолски случај, дури и на „граѓаните“, кога треба да се спасува урнисаниот рејтинг на раководството на партијата. Или, кога треба да се прикрие, што побргу да се замаскира вистинската опачина на „идејата на државните институции“, која некому можеше да му донесе огормен профит, врз грбот на битолчани.

Битолскиот случај е значајна илустрација дека времињата на страв и на притисоци, можеби, полека остануваат зад нас. Токму затоа и заслужува да се истакне истрајноста на граѓанска Битола, на здруженијата кои ги вжештија социјалните мрежи, собираа и потписи против продажбата на Офицерскиот дом и успеаа да спасат дел од идентитетот на градот на конзулите..