ТВ Бастиља останува слепа за јавниот интерес

На вчерашната дебата на ЦИВИЛ „Плурализмот и политичката криза“, присуствуваа лидери на 11 партии и политички иницијативи кои не учествуваат во преговорите за спроведување на договорот од Пржино. БЕСА, Движењето за реформи на ДПА, ДОМ, Обединети за Македонија, НДМ, ПДП, ПЦЕР, Унитети, Левица, партијата во најава на Бошњаците...

Ако ги соберете нивните гласови од последните изборни циклуси или потенцијалот што го покажуваат на нивните собири, ќе добиете бројка која како од шега може да достигне 200.000 гласови, ако не и повеќе.

Но, тоа што имаа тие да го кажат не можевте да го видите на речиси ниту една национална телевизија (со исклучок на ТВ24 Вести и ТВ21), ниту пак на јавниот сервис МРТ. И покрај повторените покани до медиумите и фактот дека настанот беше најавен јавно повеќепати и промовиран силно преку социјалните мрежи.

Со ваквото однесување, со игнорирањето на ставовите на политичките партии во кои членуваат и за кои гласаат стотици илјади граѓани - коишто плаќаат за постоењето на јавниот сервис, МРТ уште еднаш покажа дека е далеку од остварување на својата улога на артикулатор на интересите и ставовите на сите граѓани и јавна информативна платформа која нуди политички плурализам. Напротив, МРТ години наназад е претворена во ТВ Бастиља, која продолжува да биде слепа за јавниот јавниот интерес.

Ќе разберевме ако средбата беше на теми кои што не се актуелни, академски... Но, лидерите на овие 11 партии искажаа ставови околу актуелната политичка криза и постоењето на услови за слободни избори. Токму во мигови кога овие прашања се во жижата на интересот на граѓанките и граѓаните на Македонија. Со игнорирањето на ваквите настани, МРТ, но и други медиуми, покажуваат дека тие се сѐ подалеку од новинарството, а сѐ поблиску до голата пропаганда.

За приватните национални телевизии кои одбираат да не известуваат за вакви настани или, пак, за оние што доаѓаат да снимаат, а потоа не објавуваат ништо, можеме да изразиме само жалење дека попусто ги трошат своите ресурси. Доколку им треба целосна снимка од настаните на ЦИВИЛ за какви било потреби, слободно може да побараат од организацијата, која има одличен тим за мултимедијална продукција. Жално е да малтретираат и влечкаат низ град новинари и сниматели, доколку потоа нивниот труд остане неприкажан, во нечиј компјутер или нечија фиока, или послужи за друг тип на обработка на информации, кој нема врска со новинарството.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish