Ајде да излеземе од конформизмот

Знаете, отсекогаш сум им се восхитувала на граѓаните кои кон правото на глас гледаат со одговорност, кои аналитички пристапуваат кон политичките случувања, објективно, непристрасно, без разлика на нивната партиска провиниенција, кои не ги затвораат очите пред неправдите, пред репресијата којашто ја спроведуваат владините институции, пред социјалните неправди, пред цензурата и одбиваат да потонат во морето на конформизмот.

Пишува: Климентина Ѓорѓиоска

Пишува: Климентина Ѓорѓиоска

Тие се луѓе, свесни за тоа што значи процесот наречен избори, но и што значи аутпутот од изборите. Бидејќи тој аутпут ќе ни ги диригира правците во кои ќе се движиме, ќе ни ги осветлува или затемнува уличките низ кои секојдневно се разминуваме, ќе нé мотивира да напредуваме или ќе нé води во регрес. Од нашите гласови зависи колку една држава може да функционира стабилно, независно, демократски, без интервенции на странски фактори.

Живеејќи во северната престолнина на Грција, Солун, еве веќе шеста година, можам со сигурност да потврдам дека овој народ е народ кој се бори, народ кого не можат да го исплашат лидерите на ниедна партија, народ кој не се плаши да излезе и да штрајкува, да си ги побара правата, да се солидаризира со останатите граѓани, бидејќи е свесен дека наредниот ден може да биде на нивно место. Ова е земја каде живее демократијата во секое сокаче, каде живее плурализмот и солидарноста. Како студент на Факултетот за политички науки, на предавањата често ја анализиравме економската и политичката криза во којашто се наоѓаше Грција особено во периодот по владеењето на Јоргос Папандреу, значи, за време на техничката влада на Лукас Пападимoс. Се сеќавам како на еден од часовите една колешка рече: „Ние сите сме виновни за ова што денес нам ни се случува, дел од вината носиме сите“.

thesaloniki rally 02

Демонстрации во Солун

Нејзините зборови никогаш нема да ги заборавам. За мене тие зборови се сведоштво за храброст, единство, одговорност, но и за болката. Тоа е болката од состојбите со кои што се соочуваше земјата и народот. Тој период е време кога долгогодишни гласачи и безрезервни поддржувачи на дотогошаните две партии, (коишто го монополизираа грчкиот политички систем) Нова Демократија и ПАСОК, почнаа да се сомневаат во своите политички идентитети и идеологии. Тие констатираа дека системот станал корумпиран, дисфункционален и анахрон, дека е време за промени, а тие промени можат да настапат доколку тие самите ги сменат своите гласачки опции и станат свесни дека интересите на општеството треба да се издигнат над личните.

Се прашувам зошто и во Македонија не се случува истото? Толку сме блиску, а сепак, живееме во толку различни светови. Кога ќе си ги признаеме одговорностите? Кога ќе престанеме да гласаме поради страв или уште пострашно, поради лични интереси, крајно незаинтересирани за останатите луѓе околу нас? Кога ќе сфатиме дека Груевски не е битен, дека не треба да му бидеме шаховски фигурички со кои ќе си игра и на кои ќе им се потсмева, дека можеме сами да изградиме едно општество каде ќе живее слободата, мирот, плурализмот во сите негови нијанси, каде ќе нема место за тензии и говор на омраза?

Ајде, првин да си ги признаеме грешките кои сме ги направиле, да ги оставиме малку розовите очила на наткасната и да почнеме од првата страна да ја читаме книгата наречена “Македонија“. Да ги подвлечеме сите битни моменти, да ги изанализираме убаво, за да може потоа да дојдеме до денешната страница и сами да почнеме со пишување.

Не ни требаат елити кои ни ги кратат правата, кои сакаат да ни ги контролираат умовите и да ни ги замолчат устите.

Ни требаат влади кои ќе се грижат за благосостојбата на своите граѓани, кои ќе вложуваат во квалитетно образование, во квалитетен живот, кои ќе знаат да ги прифатат критиките, бидејќи се конструктивни и водат само кон подобро.

Ајде, барем на наредните избори,  нека проработи чувството на одговорност кон својот народ и својата земја.

Доста беше корупција, демагогија, популизам! Ајде да излеземе од конформизамот! Време е да докажеме што значи да се биде народ. Народ во буквална, вистинска смисла на зборот!!!

 

Авторката е студентка на Факултетот за политички науки во Солун.

Оваа вест е достапна и на: Albanian