Одложено е судењето на уапсените во мајските протести

Судењето на осумтемина уапсени по протестите на 5 мај 2015 година утрово беше одложено, поради заминување на предметниот судија во пензија.  Како што бевме информирани од обвинетите и нивните адвокати, судењето ќе продолжи кога судот ќе назначи нов судија кој ќе го преземе овој предмет.

Денеска на заинтересираните граѓани и новинари кои сакаа да присуствуваат на расправата во судот, уште на влезната врата им беше кажано дека не можат да влезат без покана и дека во судницата не е дозволено присуство на јавност, што е невообичаена пракса, бидејќи се работи за прекршочен предмет, а само со одлука на судот јавноста може да биде исклучена.

Во претходниот период, ЦИВИЛ – Центар за слобода објави неколку соопштенија и изјави во кои посочи дека за време на случувањата од 5 мај 2015, невини луѓе се уапсени и малтретирани во полициските станици низ Скопје, дека нивните мобилни телефони биле одземени и задржани неразумно долго време и дека трпат притисоци до денешен ден. При апсењето, над најмалку тројца од приведените и сега судените лица, применета е несразмерна сила, поточно, биле тепани, а во ниеден миг не пружиле отпор при апсењето.

Имајќи ги предвид сите околности и малтретирањето на граѓаните чиј единствен „грев“ е тоа што го искористиле уставното право на мирен протест, ЦИВИЛ бара ослободителни пресуди за сите нив, но и покренување постапки за одговорност на сите лица  што ги пречекориле службените овластувања.

Оваа вест е достапна и на: Albanian