Kонечно, отворена е истрагата за смртта на Тамара

Основното јавно обвинителство од Скопје, конечно, по една година, излезе со известување за активностите кои ги превзема во врска со случајот на Тамара Димовска од Велес.

“Основното јавно обвинителство - Скопје ја известува јавноста дека во врска со настанот што обвинителството го оформи по допрен глас за случајот на Тамара Димовска од Велес, спроведе низа на дејствија. Од преземените дејствија произлезе дека како осомничени се јавуваат повеќе лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од чл. 353-в од Кривичниот законик. Во својство на осомничени, лицата се повикани да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот. По завршување на сослушувањето ќе биде донесена мериторна јавно-обвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена”, стои во известувањето, објавено на Интернет страната на Јавното обвинителство.

Известувањето пристигна само еден ден пред најавениот протест, со кој ќе се одбележи една година од смртта на малата Тамара. Организаторите сакаа уште еднаш да апелираат до Јавното обвинителство, дека е крајно време да се пронајдат и казнат одговорните за нејзината смрт.

По перманетните протести на граѓаните и сериозните заложби на граѓанските организации во Македонија, меѓу кои беше и ЦИВИЛ - Центар за слобода, Јавното обвинителство, конечно реагираше, со повикување на повеќе лица да дадат исказ во својство на осомничени. ЦИВИЛ го повикува Обвинителството, по сослушувањето, да донесе законска одлука во најкраток можен рок.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian