Вчерашниот протест на граѓаните за одбележување на годишнината и барање одговорност за смртта на малата Тамара од Велес, но и случувањата околу самиот протест, ни покажаа уште еднаш дека во вакви услови, кога државата и институциите не функционираат или функционираат селективно и исклучиво по волја на властодршците, притисокот на граѓаните и јавноста е можеби единствениот начин за тие да се натераат да го прават она што, всушност, им е должност и за што добиваат плата од граѓаните.
Притисокот очигледно има резултати, иако, и тие „мали“ победи, власта секогаш се обидува да ги изврти и да ги употреби во своја корист, обидувајќи се на граѓаните да им ја извади низ нос секоја отстапка. Ете, на пример, интересно е да се спомене дека веста за отворање на истрагата за Тамара од Обвинителството, по молкот на оваа институција од речиси една година, коинцидираше со најавениот протест на граѓаните и иницијативите кои бараат одговорност за смртта на Тамара. Начинот на реагирање потсети на неколку такви горчливи моменти од не толку дамнешното минато. Ако се сеќавате, такво нешто се случи со „ослободувањето“, т.е условниот отпуст од затворот во Шутка на новинарот Кежаровски, токму пред одржувањето на протестот за негово ослободување. Истото се случуваше и со неколкуте ретерирања и отстапки на власта за време на студентските протести, кои редовно се случуваа - ден пред закажани протести.
И овој пат, власта со своите потези се труди да го ублажи притисокот, но и да го испразни потенцијалот на граѓаните да ја притискаат. За секое чудо, власта чека да поминат три, а богами и повеќе денови, за граѓаните да заборават, да се демотивираат, да изгубат надеж и верба, да престанат да се бунат и да ги остават властодршците на раат, да владејат без никаква одговорност. За да можат да ги трошат нашите пари за нивните потреби, од кои главната е онаа - преку замајување на народот со шарени лаги и глупости, да останат што подолго на власт и што поблиску до ќесето со народни пари.
На протестот пред Обвинителството за Тамара, која што веќе ја изгубивме, дојде малата Ханета со нејзиното семејство. Ханета има сличен проблем како Тамара. Нормално, здравствените авторитети не знаеја за нејзиниот случај. Но, ете, послужи овој протест и гласот на граѓаните, и тие веќе се информирани и декларативно, се заложиле дека бргу ќе го разгледаат случајот.
Лекувањето чини 20.000 евра, или во превод, една прва субвенционирана награда на некој од поп или фолк фестивалите, или три-четири субвенции од по неколку илјади евра за песни за семејни вредности. Се надеваме дека „разгледувањето на слуачјот“ нема да се одвива како пред една година со малата Тамара. Работата може да се реши за еден ден, доколку се сака. На потег се институциите.